Утре во 12 часот протести низ цела Македонија против укинувањето на учебниците – притисоци има

Откако министерката Мила Царовска одби да се сретне со претставници од иницијативата „Учебници и настава мора да има”, за утре се најавени протести во повеќе градови во Македонија. Со почеток од 12 часот, протестот во Скопје ќе се одржи пред Министерството за образование и наука, додека во другите градови, родителите и учениците ќе протестираат пред општините.

Ве повикуваме сите родители,старатели,средношколци,наставници,професори,академици,доктори и сите засегнати лица. Ве повикуваме во Сабота во 12.00 часот да излеземе на мирни протести во сите градови на Македонија, со транспаренти и позитивни пораки , без говор на омраза, без насилство.Заедно да го искажеме нашето незадоволство против предлог законот за учебници во основно и средно образование.

Ве замолуваме на овој ден да заборавиме на нашата позиција ,на нашата партиска определба, на нашите верски и национални поделби и заедно да се избориме против проблемот во образованието, затоа што сите имаме деца.
– се наведува во најавениот протест.

На социјалните мрежи деновиве реагираа ученици, наставници и родители дека се вршат притисоци за да не се излезе на протестот. Директорите на голем број од училиштата претходно бараа и списоци од кои ученици ја бојкотираат наставата. Во некои училишта, класните раководители се заканувале со намалено поведение за оние кои покажуваат отпор на образовните реформи.

И покрај силните реакции од јавноста и незадоволството, министерката Царовска не отстапува од својата идеја, при што континуирано обвинува дека се работи за „мали групи на партиски ботови” кои се спротиставуваат на промените.