Шефот на кабинетот на Шилегов со навреди кон Горан Стефановски
За шефот на кабинетот на Град Скопје и братучед на Шеќеринска, Никола Наумоски, великанот на македонската драматургија и креатор на „Бушава Азбука” – Горан Стефановски бил националист и гастрабајтер.
„Национализам. Ама здрав. Својствен за гастербајтер што мора да се докаже дека е постар и побогат од своите домаќини. Полн спорнк историски факти.” – напиша Наумоски на својот твитер профил.
Тој алудираше на познатата изрека на Горан Стефановски, за која тврди дека изобилува со спорни историски факти, омилената кованица на бугарските шовинистички власти – Не можете вие да барате од мене да не се чувствувам како дел на најдлабокиот и најстар свет, кога Хераклеја ми е дома, кога Охрид ми е дома, кога Виа Игнација, единствениот автопат што постоел во Европа меѓу 5 и 15 век минувал покрај куќата на баба ми во Битола. Не може баш сè да е кај вас, а баш ништо да не е кај нас.
На ваквиот коментар реагираше и проф. Симона Груевска Маџовска, која напиша:
„Да го наречеш Горан Стефановски „гастарбајтер и националист со спорни историски факти”, треба да имаш сериозен проблем. Женет со Англичанка во 1976 со која, ако сакал, можел да се исели од Македонија кога сака, а останал до 2000 година, кога се преселил да предава на Универзитетот во Кент и потоа во Кантербери.
Автор на драми изведувани и наградувани насекаде, сценарист на ненадминатата детска серија „Бушава азбука”, основач на отсекот за драматургија на ФДУ, член на МАНУ, починат од тешка болест на 66-годишна возраст во Кантербери со последна желба пепелта да му биде расфрлана во Охридското Езеро. Тој ли е „гастарбајтер”?Господинот што работел на односи со јавност во Град Скопје не е достоен името да му го спомене и треба јавно да се извини!”
Се очекува официјална реакција од кабинетот на Петре Шилегов за ваквото недолично однесување на неговиот шеф, кое предизвика лавина реакции во јавноста.