Крмов: Алијанса и Алтернатива само декларативно се за ЕУ додека туркаат закон спротивен на европските стандарди

Во вчерашното гостување на „Само Вистина”, пратеникот на Левица – Борислав Крмов истакна дека предложениот Закон за државјанство од страна на Алијанса и Алтернатива е спротивен на стандардите на ЕУ.


„Овој закон ја крши Европската конвенција за државјанство во повеќе членови, особено во член 18. Во Европската конвенција за државјанство се препорачува од осум до десет години (па нагоре) ефективен престој за добивање на државјанство, додеја Алијанса бара тоа да се спушти само на четири години. Исто така, треба ефективна врска да се докаже со таа држава во која барате државјанство, додека тие тој дел го имаат тотално исфрлено и само бараат тројца сведоци, од било која територија на бивша СФРЈ за добивање државјанство.

Тоа е посебен дел во декларацијата за добивање државјанство со државна субцесија, а замислете поминаа 31 година веќе. Таков некој закон имало во деведесетите, претпоставувам имало македонски државјани кои работеле во другите републики и слично, но тие го донесуваат сега. За жал, нивната кампања беше многу нечесна, јас би рекол и играше на емоциите на нивното гласачко тело, затоа што јас ја гледав мојата колешка Сафије како седеше со мајка и и зборуваше како мајка на пратеник која што тука живее 30, 40 години нема државјанство. И тоа е во ред, за такви луѓе. Има некој бројки од УНХЦР дека се некој 500-600 луѓе, максимум до 2000 луѓе такви.

И најмногу се Роми, не се Албанци ако веќе навлегуваме етнички. Но, целата манипулација беше дека тие зборуваат за луѓе со 40 годишен престој немаат државјанство, а поднесуваат закон со четири години само. Со 4 години студент од било која држава тука ако студира со студиска програма може да добие државјанство.

Понатака, има посебен дел за познавањето на јазикот. Во законот кој што сега го има, пишува дека мора да се знае македонскиот јазик на високо ниво за да можеш без проблем да се разбереш со околината, сега е намалено на доволно и тоа поставени двата јазика (македонски и албански). Значи спуштено е од одлично познавање на македонскиот јазик на еден од двата јазика, иако ние не го признаваме Законот за јазици кој помина нелегално. Сега е ставено доволно и тоа е драстично спуштање, тоа не е по никаков европски стандард, тука се покажува дека албанските партии, а во овој случај Алијанса за Албанците и Алтернатива дека само се декларативно за европски стандарди и ЕУ, додека во пракса туркаат нешто сосема друго.”