Библиотека

Моника Ертл – „Одмаздникот на Че Гевара”

На 1 април 1971, боливискиот полковник Роберто Кинтанила Периера (човекот кој е одговорен за наредбата за егзекуција на Че Гевара и наводно отсекување на неговите раце) беше убиен од страна на Моника Ертл – германски социјалист, револуционер и герила борец, позната под псевдоним „Одмаздникот на Че Гевара”.

Моника, ќерка на нацистички пропагандист кој избегал во Боливија, од рана возраст работи со нејзиниот татко и учи како да користи камера и оружјe. Нејзини блиски роднини биле други нацистички бегалци како Клаус Барби – Гестапо лидер познат како „Касапот од Лион”.

Таа ја одбива идеологијата на нејзиниот татко и во младоста ја изучува социјалистичката кауза, восхитувајќи ѝ се на Кубанската Револуција, а особено на аргетинскиот доктор и командант – Ернесто Че Гевара. Откако боливиската армија, поддржана од САД, го ликвидира Гевара во Ла Хигуера, таа се придружува на Армијата за Национално Ослободување на Боливија (ELN).

Во 1971 година, таа се враќа во Хамбург, каде Роберто Кинтанила е стациониран како боливиски конзул, поради страв дека ELN може да го таргетира за неговата вмешаност во убиството и тортурата врз Гевара. Таму наводно, таа лично пукала три пати во Квинтанила и побегнала од земјата – одмаздувајќи ја смртта на Че Гевара.

Додека е во Боливија, во 1972 година таа била дел од операција за киднапирање на Клаус Барби, со цел негово изведување пред пред лицето на правдата во Франција. Наводно, Барби го сменил презимето во Алтман и бил дел од боливиското Министерство за внатрешни работи.

Моника Ертл е убиена во заседа на 12 мај 1973 година од страна на боливиските безбедносни сили. Таа била мачена пред да биде убиена, телото никогаш не е вратено на нејзината фамилија и истото најверојатно е фрлено во тајна масовна гробница, што било вообичаена пракса во Латинска Америка за време на воените диктатури поддржани од САД.