Организацијата „Крсте Мисирков“ од Грција: Македонците во Грција да добијат право да го учат македонскиот јазик

Општината Едеса (Воден) системски ги прекршува законските обврски и следи една несовесна практика на апартхејд кон група на луѓе кои изразуваат културна и јазична разновидност што се однесува на домородните Македонци од оваа општина, се наведува во соопштението на организацијата „Крсте Мисирков“ во Грција.

–Оваа состојба со дискриминација која се наметнува на еден дел од грчките граѓани кои посакуваат да ги задржат сите традиции, адети и нивниот јазик, треба веднаш да престане, како и прекршувањето на државните закони, преку произволни и расистички одлуки на општинските власти. Ова однесување може да донесе само проблеми во локалните средини и не одговара на една демократска земја која ги почитува законите и вредностите на Европската Унија, се вели во соопштението на организацијата „Крсте Мисирков“ од Воден која бара Грција да ги исполни своите меѓународни обврски и да обезбеди јавно образование на малцинските јазици.

Обраќањето го сподели „Македонското меѓународно движење за човекови права“ од Канада кое истовремено и честита на организацијата „Крсте Мисирков„ за нивна борба за македонски права.

Во соопштението на “Крсте Мисирков“ се потсетува на барањето упатено до Општината Едеса уште на 19 септември 2019 година за отстапување на една предавална во државно училиште од основното образование, за конкретен временски период. Целта е да се организираат часови по македонски јазик од страна на членовите на организацијата „Крсте Мисирков“ во рамките на програмата за унапредување и изучување на мајчиниот јазик на тие граѓани кои го зборуваат до некое ниво, но и на секое друго лице кое сака да го научи како странски јазик. Ова барање беше отфрлено без оправдување.

Организацијата „Крсте Мисирков“ најавува правна битка во грчките и можеби во европските судови, барајќи примена на тие закони. Во меѓувреме, часовите по македонски јазик се изведуваат во приватен простор со многу ограничен број на часови и ученици.