Светски Македонски Конгрес- Бојкот на попис и непопишување не е ниту кривично дело ниту прекршок
Светски Македонски Конгрес (СМК) побара безусловен прекин на Пописот на неопределено време, поради кризната состојба прогласена од Собранието во сила од 19 декември 2020 до 30 јуни 2021 година и поради неприфатливата Методологија за подготовка, организирање и спроведување на Пописот коja ќе дадe погрешни резултати, бидејќи е креирана за легализација на пописен фалсификат.
СМК со индигнација ја отфрла вчерашната скандалозна порака на портпаролот на Владата, Душко Арсовски, од премиерот до граѓаните: “Учеството во пописот е задолжително! За поттикнување на бојкот на статистичката операција се одговара кривично! Но, тие што ќе одбијат да се попишат ќе им биде почната прекршочна постапка. Казните се до 300 евра!“
СМК појаснува дека кривично дело е подготовка, организација и спроведување Попис, а не бојкотирање на Попис за време на пандемија и кризна состојба!
СМК укажува дека не постои кривично дело за бојкот на Попис, ниту во Законот за Попис, ниту во Кривичниот законик! Попишувањето е доброволно право на граѓаните, а не должност која се казнува ако не се изврши или се извршува со закани! Граѓаните имаат право дали ќе прифатат попишување и попишувачи дома или во дворот пред домот, затоа што домот е неповредлив, или воопшто нема да прифатат попишување! Во Законот за Попис никаде не пишува: “Попишувањето е задолжително!“
Во членот 35 од Законот за Попис не постои обврска за задолжително попишување, туку само должност тој што доброволно ќе пристапи кон попишување, на сите прашања во пописницата да даде точни одговори и да презентира соодветни документи за одговорите!
Во членот 49 од Законот за Попис, казни затвор од најмалку три и пет години се пропишани само за тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописницата! Казните затвор од членот 49 од Законот за Попис не се однесуваат на граѓаните ако не се попишуваат или за тие кои повикуваат на бојкот на Пописот!
Во членот 51 од Законот за Попис, глоба од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок само на граѓанинот кој доброволно пристапил во попишувањето, ако одбие да ги даде податоците кои се бараат од него за Пописот или ако даде неточни податоци!
Во членот 8 став 2 од Уставот се вели: “Во Република Македонија слободно е се’ што со Уставот и законот не е забрането!“ Не постои забрана за бојкот на Попис во ниту еден закон, ниту во Законот за Попис, ниту во Кривичниот законик! Во членот 13 од Уставот се вели: “
(1) Лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се’ додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
(2) Лицето незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено, има право на надомест на штета и други права утврдени со закон.
(3) За прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.
(4) Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.“
Во членот 18 став 1 од Уставот е пропишано: “Се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци!“
Во членот 25 од Уставот се вели: “На секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.“
Во членот 26 од Уставот се вели: “(1) Се гарантира неповредливоста на домот. (2) Правото на неповредливост на домот може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето.“
Во членот 39 од Уставот се вели: “(1) На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. (2) Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите!“
За жал, со заканите за попишување, Владата врши повеќе кривични дела од Кривичниот законик: Излагање на опасност – според членот 134, Тешки дела против здравјето на луѓето – според членот 217, Злоупотреба на службената положба и овластување – според членот 353, Несовесно работење во службата – според членот 353-в, Лажно пријавување на кривично дело – според членот 366, Поднесување лажни докази – според членот 366-а, и Давање лажен исказ – според членот 367!
СМК потсетува дека Законот за Попис кој е донесен на седница на Собранието одржана на 21 јануари 2021 година (“Службен весник на Република Македонија“ број 19/2021) е во спротивност со уставно загарантираното право на здравствена заштита и должноста на секој да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите утврдено во членот 39 од Уставот, при што се загрозува животот на човекот кој според членот 10 од Уставот е неприкосновен, знаејќи дека во согласност со членот 26 од Уставот домот е неповредлив!
СМК потсетува, дека врз основа на Законот за управување со кризи, Владата на седницата одржана на 20 ноември 2020 година, донесе Одлука за постоење на кризна состојба на целата територија на Република Македонија, заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската Здравствена Организација од заразната болест COVID19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2 и заради спречување од негово ширење во зголемен обем со што се загрозува безбедноста на здравјето и животот на населението, во траење од 30 дена од денот на нејзиното влегување во сила на 20 ноември заклучно со 20 декември 2020 година (“Службен весник на Република Македонија“ број 277/2020).
Во согласност со членот 31 од Законот за управување со кризи, Владата донесува одлука за постоење на кризна состојба, со која го определува подрачјето зафатено со кризна состојба и соодветно на тоа ги активира механизмите за нејзино разрешување, но не подолго од 30 дена. “Ако кризната состојба продолжи да трае подолго од 30 дена, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба.“
СМК потсетува, дека на барање на Владата, Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 16 декември 2020 година донесе Одлука за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на територијата на Република Македонија, заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската Здравствена Организација од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2 и заради спречување од негово ширење во зголемен обем со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението, почнувајќи од 19 декември 2020 до 30 јуни 2021 година (“Службен весник на Република Македонија“ број 299/20).
Во вакви услови, Пописот на населението кој во Република Македонија кој треба да се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2021 година, а за македонските државјани во странство од 1 март до 21 април 2021 година, е во спротивност со прогласената кризна состојба на целата територија на Република Македонија од 19 декември 2020 до 30 јуни 2021 година, бидејќи ги загрозува животот на луѓето кој е неприкосновен, неповредливоста на домот, правото на здравствена заштита и правото и должноста на секој да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите!
СМК укажува дека спроведувањето на Пописот во услови на прогласена кризна состојба на целата територија на Република Македонија е во спротивност и со Законот за заштита на населението од заразни болести, според кој секој има право да се заштити себеси и другите од заразување!СМК, исто така, укажува дека спроведувањето на Пописот, во услови на прогласена кризна состојба, е во спротивност и со Законот за заштита и спасување, според кој е предвидена “самозаштитата како форма на активност на граѓаните за спречување на настанувањето или за ублажување на последиците од природните непогоди и други несреќи кои можат да влијаат на нивното здравје и живот“! Никој не би дозволил непознати попишувачи, кои претходно посетиле неопределен број на попишани лица, воопшто не знаејќи во каква здравствена состојба биле претходно попишаните, да влезат во неговиот дом кој е неповредлив! Особено ако се има предвид дека Владата го лимитираше дури и бројот на гости по куќи и нивното групирање!
Имајќи предвид дека Владата секојдневно најавува зголемување на полицискиот час и скратување на работното време на угостителските објекти, поради зголемен број на заболени и починати од корона вирусот, СМК бара безусловно прекинување на пописот на неопределено време, и негова организација и спроведување од нова Влада, но врз основа на нов Закон за Попис на населението во согласност со меѓународните стандарди на Обединетите Нации и Еуростат!
Имајќи предвид дека врз основа не членот 6 став 1 точка 1 од Законот за Попис “Со Пописот ќе бидат опфатени лица државјани на Република Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во Република Македонија, без оглед на тоа дали во моментот на Пописот се наоѓаат во Република Македонија или во странство“, а во согласност со членот 9 од Уставот “(1) Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. (2) Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви,“ Ако нема прекршочна глоба за македонските државјани во странство, не може да има ниту за тие во Република Македонија!