Адвокатот Давидовиќ – Нема кривично дело „поттикнување на бојкот“

Во коментар за Слободен печат, адвокатот Звонко Давидовиќ изјави дека не постои кривично дело „поттикнување на бојкот“ и нема никакви можности кривично да се гонат поттикнувачите. Тврдењето е во спротивност на заплашувањата од страна на Владата дека постојат елементи на кривичното дело „поттикнување“ за оние што ги повикуваат граѓаните да не учествуваат во попишувањето.

– Самите повици за бојкот се на тесна граница со слободата на изразување и нормално е да постојат различни мислења за спроведување попис во една вака ненормална ситуација, во услови на пандемија и голем број заболени – искоментирал Давидовиќ за „Слободен печат“.

Од Канал 5 известија дека портпаролот на Владата, Душко Арсовски, се обидел да изврши притисок и цензура врз редакцијата на Канал 5.



„Тој првo негодуваше, зошто е кажано дека не сака да даде изјава, иако тоа беше факт. Имено, и при подготовката на прилогот, а и по неговото иметување, побаравме изјава од Арсовски во која ќе објасни врз основа на кој член и од кој закон ќе се одговара кривично за повикување бојкот на пописот. Но тој беше дециден дека нема што да објасни дополнително и дека останува на изјавата“, потенцираа на вчерашните вести на Канал 5.

Ова се случи откако, претседателот на Левица, Димитар Апасиев во истиот прилог, со изјава го демантираше Арсовски дека не постои основ во Законот за кривично дело за неотворање врата на попишувачите, односно истакна дека, „едниствено кривично дело е уништување на пописен материјал, а сето друго е блеф на владата“.