Сведоштво за Антон Панов: „Нека ја преведат Печалбари на бугарски, тоа е доказ дека е напишана на друг јазик!”
Во македонската книжевност Антон Панов (1906-1968) е познат како автор на драмски дела. Делото „Печалбари“ е посветено на тажниот живот на печалбарите и во него се опишани најтажните зборови што се проговорени во македонската драма. Премиерно е изведена на 03.03.1936 година во Скопје, на сцената на Српскиот окупаторски театар и народот масовно ја гледал претставата зошто е напишана на македонски јазик, а прекрасно звучи од сцената.
Но, драмата е изведена и на сцената на Бугарскиот окупаторски театар, исто така, во Скопје во 1942 година, но сега од македонски јазик е преведена на бугарски јазик. Ова е аргумент што зборува дека бугарскиот окупатор не дозволил драмата да се прикажува на македонски јазик. Но, претставата не доживува успех, затоа што е на бугарски јазик и отпорот на публиката бил масовен.
Панов со дозволата за драма да биде преведена на бугарски јазик го прави својот прв „грев“. Во весникот „Целокупна Бугарија“, број 393 од 23.9.1942, на четвртта страница пишува дека Панов дошол од Дојран да живее во Скопје, кога е решено неговата драма да се изведе на бугарски јазик.
Во изјавата Панов, го истакнува следното:
„Единствена чесна изведба на мојата пиеса во бившата Југославија беше изведена во Хрватскиот театар во Сараево. Многу горчини преживеав за оваа пиеса, поради која уште на времето бев принуден да се повлечам од Дојран“.
Во продолжение се дознава дека неговата пиеса ќе биде поставена на репертоарите на театрите во Софија, Бургас и Русе. Панов истакнува во интервјуто дека неговата драма се преведува и на германски јазик. Во интервјуто е нагласено дека НТ во Скопје, за време на окупацијата бил составен најмногу од драмски текстови на бугарски писатели. Целта на оваа репертоарска политика била да се врши асимилација на Македонците.
Новинарот Виктор Аќимовиќ во своите„Театарски белешки од пожолтените новинарски нотеси“, 15 години по смртта на Панов, го забележал мислењето на Панов за неговата одлука за „Печалбари“ да биде играна на бугарски јазик.
Виктор не само што бил новинар, туку тој бил и комунист, револуционер, филмски критичар, и разузнавач со бурен живот, кој оставил белег во времето кога творел.
Аќимовиќ го пишува следното сведоштво: „Управата на театарот во Скопје му предложи на Панов – „Печалбари“ да бидат поставени на скопската сцена, поточно, со нив да биде отворена новата театарска сезона, а со тоа вршеле пресија за да се согласи драмата да биде прикажана на бугарски јазик.
За сето тоа, Панов истакнал:„Мојот став е категоричен, ортодоксен: пиесата да не се преведува!“ Сепак, бил свесен дека ќе ја преведат независно од неговата волја и потоа рекол: „Нека ја преведат и нека ја прикажат на бугарски јазик. Со тоа ние ќе печалиме“.
„Ќе спечалиме „Печалбари“ повторно да живеат, народот, пак, да ги гледа, а со тоа што ќе бидат на бугарски јазик, ќе биде крупен доказ дека јазикот на кој се напишани е друг јазик, кој Бугарите не го разбираат. Тие, како што гледаш, сами влегуваат во стапица…“
Во книгата „Тивкиот фронт на Виктор Аќимовиќ“ од д-р Бранимир Светозаревиќ – Покорни, има значајно сведоштво кое фрла нова светлина во разрешувањето на дилемите. Забележано е од Аќимовиќ кој во своите „Театарски белешки од пожолтените новинарски нотеси“ (со поднаслов „Пак 1946 год. пак во Скопје „Печалбари“ за 300.000 долари“), сведочи дека на Панов од страна на непознат господин (веројатно близок на Иван-Ванчо Михајлов) му биле понудени 300.000 долари. Панов на тоа одговорил: „Ни по која цена. Не се продавам за никого, мојата пиеса „Печалбари“ нема цена!“
„Еве ви ја адресата во Солун, па ако се предомислите најдете начин да ми се јавите. Ако сметате дека 300.000 долари се малку, ќе кажете колку сакате. Парите можат да Ви се префрлат во некоја банка во Швајцарија или Солун или лично да Ви се предадат.“ – рекол непознатиот господин (трговец од Солун).
Иван-Ванчо Михајлов бил член на ВМРО, и заедно со други членови биле заинтересирани да ги купат авторските права и да го злоупотребат авторот. Со откупувањето на авторското право тие планирале драмата да ја прикажуваат меѓу македонската емиграција во Канада, Сад, Австралија, како моќно агитациско средство, насочено кон тогашната состојба во конечно и трајно ослободената Македонија.
Непознатиот: „Овластен сум да Ви предложам вашата пиеса „Печалбари“ со сите авторски права засекогаш да ја продадете. Ви нудам 300.000 долари. Пиесата ќе се изведува до збор како што ја напишавте и на македонски јазик. Единствено таму каде што се кажува ,,тука на работа во родниот крај“, при изведувањето ќе бидат додадени само зборовите: „во Македонија, повторно поробена од Тито и Србите“.
За овој настан сведочи Аќимовиќ кој бил повикан од Панов за да биде сведок на тој состанок, ако се докаже дека човекот е провокатор или ако навистина е човекот чија адреса е на визит-картичката што ја оставил, но нешто ако се случи, да се повика на Акимовиќ како сведок. Сведоштвото го има следниот крај: „ПАНОВ, СПОРЕД ТОА НЕ МОЖЕШЕ ДА СЕ КУПИ. ТОЈ НЕ САКАШЕ ДА ГИ ПРОДАДЕ „ПЕЧАЛБАРИ“ НИ ЗА 300.000 ДОЛАРИ, НИ ЗА КОЈА БИЛО ПОГОЛЕМА СУМА“.