Несоодветни кадри без печат работат во болницата во Штип

Пишува: Верица Спасова (магистер по Биологија насока Биохемија и Физиологија), вработена во биохемиската лабораторија во ЈЗУ Клиничка болница – Штип.


Сакам јавно да го изнесам мојот проблем што се провлекува со години наназад, како во работата на самата лабораторија, така и во кадровската поставеност и хиерархијата. Имено, мене како магистер Биохемичар ( со високо академско образование 4 години студии и магистерски труд) во лабораторијата ми се претпоставени двајца лаборанти, од кои едниот е со средна лаборантска школа Трајче Лонгуров, а другиот е со висока стручна школа дипломиран лаборант (3 години) Јордан Тунев. Овој неквалификуван кадар на одговорни функции ја организира работата во Лабораторијата, почнувајки од списокот за работа и распоредот на дежурства, потоа дали некој од вработените и кога смее да користи годишен одмор, до набавка на реагенси, контакт со сервисери, кои нови анализи да се внесат за работа во лабораторијата и др. Со еден збор, тие ми наредуваат што и како да работам.

Лаборантите со висока стручна школа работат и во биохемиската лабораторија на биохемиските анализи, иако тие самостојно не смеат да ги вршат, бидејќи не поседуваат печат со шифра издаден од Фондот за здавствено осигурување. Затоа резултатите кои се издаваат од биохемиската лабораторија се без печат и се невалидни, бидејки законски на нив траба да има печат со кој секој вработен одговара за својата работа и валидноста на резултатите. Значи лаборантите не одговараат за валидноста на резултатите.

Право на печат со шифра од Фондот за здравствено осигурување за работа во Биохемиска лабораторија законски имаат само дипломирани Биохемичари (инженер по Биологија и Хемија), доктор на медицина со специјализација по Медицинска Биохемија, магистер по Биологија и доктор на науки од соодветната област. Јас, како магистер по Биологија – Биохемија и Физиологија сум единствена која поседува печат со шифра од Фондот за здравствено осигурување за работа во лабораторијата во Штип и само јас со него одговарам за валидноста на издадените резултати.

Затоа незаконски е работењето на лаборантите на 8 часовни и 24 часовни дежурства за време на викенд, кога издаваат биохемиски и други анализи без печат за нивна валидност. На овие дежурства работат и лаборанти со средна лаборантска школа кои освен крвна слика, урина и гликемија, ништо друго законски не смеат да работат. Освен ова, во лабораторијата има вкупно 12 лаборанти на број кои можат да се организираат во три смени сменска работа и без овие дополнителни материјални трошоци за дежурства. Со самото тоа што им е дозволено дежурство, се крши законот бидејки не се компетентни самостојно да  вршат биохемиски анализи без надзор од биохемичар. Ова е класична злоупотреба на службена должност и овластување од страна на раководната структура која им овозможува да се здобијат со незаконска материјална корист.

Во мај 2019 година е донесена нова систематизација на работни места во Биохемиската лабораторија, во која се одобрени седум лаборанти во висока стручна школа, пет лаборанти со средна стручна школа и три дипломирани биолози. Најпрво, незаконски е во систематизацијата да пишува дипломирани Биолози, бидејки ние двајца Биохемичари сме дипломирани инженери по Биологија (насока Биохемија со физиологија) што во колективниот договор за здравство си има посебно место со соодветен коефициент на сложеност при работа, поголем од оној на дипломиран Биолог, а јас како магистер по Биологија  сум со посебен коефициент на сложеност при работа, а не сум вметната во новата систематизација.

Самата застапеност на кадри со еден доктор специјалист по Клиничка Биохемија, 7 лаборанти со висока стручна школа, 5 лаборанти со средна стручна школа и 3 дипломирани биолози, е крајно непрофесионално и срамно за една лабораторија во склоп на Клиничка болница која е регионален центар на Источна Македонија и опслужува пациенти од целиот овој регион со најсложени анализи како хормони, тумор маркери, антитела и др. Пациентите  на контролите во Скопје не заслужуваат да им бидат тргани на страна резултатите, бидејки се без печат и да не им се земаат во  предвид, туку повторно да им се зема крв. Со ова непотрбно се трошат средства за изработка на лабораториски анализи во Штип.