АктуелноБиблиотекаЛокално

Генерал Апостолски: Без безмилосно уништување на великобугарскиот шовинизам, не може да се создаде препородена нова Бугарија!

Бугарскиот шовинизам, на кои сме сведоци последните неколку години, извира уште од пред Втората Светска војна. Можеби вешто прикриен, но тој во ниту еден момент не бил во заден план на досегашните раководства на бугарската држава. За него, често има говорено и Михајло Апостолски, македонски партизан, генерал, командант на НОВ и ПОМ, воен теоретичар, историчар и народен херој.

Во дел од интервјуто спроведено од страна на новинарот Марко Лопушина во октомври 1982 година, Апостолски се осврнува и на бугарската шовинистичка политика. 


1. Познати сте како огорчен противник на фалсификувањето на историјата. Што мислите за изложбата во Софија на која многу македонски револуционери се претставени како Бугари?

Тоа за мене не е ништо ново. Тоа се чести бугарски репризи. Бугарите направија една историска претстава по империјалистички рецепт која веќе со години ја играат, само во различни сценски облици и со различни актери. Тие едноставно не може да се ослободат од фикс идеите за Санстефанска Бугарија, идеите за нивна доминација на Балканот.

2.Нели сме се помалку навикнале на тие репризи на фалсификувње на историјата? Се чини дека понекогаш не реагираме одлучно па ги толерираме бугарските испади?

Не може да го оправдаме фактот дека доста долго сме ќутеле. Некое време се сугерираше и на историчарите да не пишуваат за бугарското фалсификување на историјата и присвојување на Македонија и Македонците. Меѓутоа сметам дека со ќутење и попуштање нема да со бугарското раководство го решиме овој проблем. Тоа ќе го направиме само ако се погледнеме право во очи и отворено разговараме.

3.Во Втората светска војна бугарските агресори нанесоа многу зло на нашите народи, посебно на Македонците. Мислите ли дека како општество ги немаме доволно објаснети злочините на бугарската војска. Младите за тоа многу малку знаат!

За злочините на бугарскиот окупатор до денес напишани се две книги, што не е доволно да се објасни генезата на тие злочини. Тоа мора да се објасни, не само поради нашата младина, туку и поради бугарската млада генерација од која се прикрива улогата и местото на бугарската армија, полиција и администрација како окупатор на Југославија.

Во интервјуто тој наведува дека бугарската историографија настојува преку квази-научен пат да ги оправда бугарските територијални претензии спрема Македонија, односно Југославија. За односот на Бугарија кон Македонија и македонскиот народ пишува и во неговата книга „Од Кожуф до Богомила и Козјак”, објавена во Скопје во 1959 година.

Тој вели дека е нужно да се напомене дека сите денешни ,,борци’’ против ,,југословенскиот ревизионизам’’ треба еднаш да разберат дека македонската нација е создадена во неколку десетолетија револуционерни борби. Според него, тие кои ја создавале најубаво знаат за каква Македонија со години носеле оружје в раце, по неколкупати ги преминувале нејзините планини и долини, ги газеле студените води на Вардар, Брегалница, Црна, Дрим и др., се смрзнувале во длабоките снегови итн. 

„Чудно, денес сакаат да говорат за македонскиот народ и такви кои воопшто не дале ништо за неговата слобода, а меѓу нив може да се најдат и такви кои на еден или друг начин биле против неговата слобода.” пишува Апостолски.

Самиот Апостолски одлично ја антиципирал идната политика на Бугарија спрема Македонија, која очигледно за него не била изненадувачка. Така тој ќе напише:

„Фактите се тврдоглави, а историјата е неумолива во својата оценка. И денес или утре и од самите автори на оваа грандиозна кампања против Југославија ќе се потврди дека сето ова, најблаго речено, било едно ,,црно петно’’ на денешното бугарско раководство. Ќе бидеме пак сведоци кога ќе се бараат ,,виновниците’’ за овие чудни работи, како што тоа се правеше пред неколку години за злосторствата после 1948 год., од кои неколцина автори пак се во првите редови во борбата против Југославија. Тука треба само да потсетиме дека таквата политика на О.Ф. Бугарија беше еднаш осудена од Георги Димитров во писмото од 28 септември 1944 год., испратено до ЦК на БРП(к), во кое меѓу другото се изнесува:

,,Денес кај нас не може за никого да биде тајна дека еден од најважните корени на сите национални несреќи и катастрофи што го снашле нашиот народ во текот на последните децении лежат во великобугарскиот шовинизам, во великобугарската идеологија и политика на хегемонија на Балканот и владеење над соседните народи’’.

.И понатаму:

,,Без безмилосно уништување на великобугарскиот шовинизам – таа рак-рана врз живото тело на нашата земја, не може да се создаде препородена нова Бугарија’’.

(Георги Димитров – том III, стр. 40, издание на БРП(к) – 1947 – Софија, покрај тоа писмото е објавено во ,,Борба’’ од 24/IX 1958 година).”

Децении подоцна сведоци сме на уште една реприза во претставата на бугарскиот шовинизам, моделиран од Санстефанските дејанија. И денес, кога историјата во одредена форма се повторува, бугарскиот шовинизам добива одлична подлога за развој благодарение на петтоколонашките политичари инсталирани на раководни функции во Македонија.