Тетово со денови без вода – Теута Арифи уште пред 8 години вети решавање на проблемот

Од тетовскиот огранок на Левица информираа дека Тетово со денови нема вода. Воедно, тие нагласија и дека и покрај тоа што Теута Арифи е веќе осма година на функцијата Градоначалник на Општина Тетово, таа го нема исполнето главното предизборно ветување од кампањата во 2013 година, решавањето на проблемот со водоснабдувањето на градот. Статусот го пренесуваме во целост:


„Осма година, втор мандат на Теута Арифи на функцијата Градоначалник на Општина Тетово. Се чини недоволно време за да си го исполни главното предизборно ветување од кампањата во 2013 година, односно решавањето на проблемот со водоснабдувањето на градот.

Теута Арифи за да дојде на власт на граѓаните во 2013 година им вети дека проблемот со водата и водоводот ќе биде решен, за да на изборите во 2017 година повторно се провлече со истото ветување и бараше втор мандат. Доби и втор мандат. Сега можеби ќе се бори и за трет мандат, а проблемот со водоснабдувањето се’ уште не е решен, туку е продлабочен.
Проблемот се продлабочува со делењето на градежни дозволи каде на места од куќи со по 4-5 члено семејство се градат згради со по 20 станови, со што се зголемува потрошувачката на вода. Исто така изградбата на малите хидроцентрали за кои независните експерти предупредуваа за опасност од загадување и оштетување на квалитетот на водата, вршат дополнителна штета врз водоснабдувањето на град Тетово од големи размери.

Левица ЛО Тетово бара одговор од градоначалничката Теута Арифи на тоа уште колку мандати и се потребни за да се реши еден од главните проблеми во општината и уште колку долго граѓаните ќе бидат манипулирани со едно исто ветување!?

Исто така Левица ЛО Тетово бара одговорност и од советниците во општината. Некои од нив се дури осум години сместени во столчињата како советници, што ги прави одговорни за одлуките кои се донесуваат.

Многу семејства во Тетово со години се без вода и струја – основни природни ресурси за живот!“, се вели во коментарот на Левица – Тетово.