Распределени 11 милиони евра за проекти од културата

Вчера Министерството за култура ги објави резултатите од годишните конкурси за оваа година, кои доцнеа поради индиции за нерегуларности. И оваа година објавата на резултатите не е лишена од контроверзии. Во своето обраќање, министерката Ирена Стефоска нагласи дека е разочарана што се бараат нереално големи суми и што исти лица си конкурираат сами на себе, претставувајќи ја годишната програма за култура вредна 11 милиони евра. За проектите од национален интерес, исти луѓе аплицирале на повеќе проекти, еднаш како автори, другпат како уредници, консултанти, членови на жири-комисии. Апликантите се обиделе да го надмудрат системот и да земат од колачот државни пари, за кои годинава се пријавиле рекордни 6 300 проекти.

Поради нерегуларностите, распределбата на средствата за одобрените проекти од национален интерес ќе биде за 3 милиони евра пократка и ќе изнесува 11 милиони евра. Според министерката, откако надлежните институции ќе ги завршат финансиските ревизии и достават извештаи до Владата, ќе започнат исплатите за реализираните проекти  од лани, на корисниците за кои ќе се утврди законска основа, додека за одобрените проекти за 2021 година процедурите за исплата ќе одат побргу.

„Едноставно кажано, исти лица си конкурираат сами на себе. И така, конкурсот ја изгубил смислата за натпревар. Неретки се и оние што аплицираат и со копипејст проекти, односно проекти кои во изминатите години веќе биле поддржани“.  – изјави Стефоска.

Наводно, тенденцијата годинава била да се поддржат квалитетни, релевантни проекти од јавно значење, а не да се задржи стариот принцип – за секого по малку, со што се поддржани различни етнички заедници, младите автори, маргиналните групи. Но. и покрај овие наводни обиди за надминување на нерегуларностите, на конкурсот повторно можеме да забележиме како се повторуваат ЕДНИ ИСТИ ИМИЊА кои со години земаат огромни суми, како што е случајот со Мирко Попов – кој беше дел од владината кампања за референдумот.

ПМГ Рекордингс на Мирко Попов

Финансиските истраги за ланските проекти се во тек. Финансикската полиција ги чешла сите исплати од Министерството за култура во последните пет години, поради сомнеж за малверзации. Додека истрагата не заврши целосно, тие нема да ги добијат парите. Министерството за култура минатиот месец раскина авторски договори вредни повеќе од еден милион евра. Биле склучувани анекси на договори за зголемување на сумите и биле прифаќани обжалени проекти.

Дел од проектите кои беа финансирани од Министерството за култура минатата година предизвикаа силни реакции во јавноста, како случајот со младиот Виган Максути кој снимал песна за УЧК. Контроверзноста на случајот ја засили и тоа што комисијата одлучила да му додели 300.000 денари, што е исто така невообичаено, бидејќи во принцип речиси секогаш се доделуваат помалку пари од бараното.