Апасиев до Маричиќ: „Ти си вториот човек после султанот Абдул Хамид II кој со декрет го забранува името Македонија!”
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот Димитар Апасиев се обрати до министерот за правда – Бојан Маричиќ, во однос на забраната за употребата на името Македонија.
„Прашањето се однесуваше на тоа, по кои членови се однесува оваа забрана на името? Тој ми одговори дека, досега откако е Преспанскиот договор влезен (иако е илегален, тие си го сметаат за влезен), има 37 барања – од нив 34 се одобрени, 3 се одбиени.
Претпоставувам и прејудицирам, дека додека била Дескоска министер, бидејќи таа е професор по право и знае повеќе право од магистерот Маричиќ, Дескоска ги удоволувала барањата, додека откако дошол Маричиќ, веројатно ги одбива барањата со едно ноншалантно застрашувачко образложение дека – воедно вели: „термините Македонија, во преведена, или непреведена форма, не смеат да се употребуваат во целокупната внатрешна и надворешна официјална комуникација од сите, ОД СИТЕ – не од државни субјекти, туку ОД СИТЕ!?
Ова е многу слично како што султанот Абдул Хамид, во својот султански декрет од 1903 година, го забрани името Македонија – ова е султанот, против којшто нашите комити и војводи креваа востание! Е до таму оди оваа налудничава политика на овој наш министер. Тој ме упати на Преспанскиот договор да видам каде се забранува употреба на името Македонија од страна на приватни субјекти. И никаде не се забранува!“