Албин Курти и Движењето за Самоопределување на Косово- национализам и империјализам спакуван како прифатлива „левица“

Нема подобар приказ за лицемерието на македонските либерали, подобро познати како корисни идиоти, од нивното позиционирање во однос на Движењето за самоопределување од Косово. За нив не постои дилема дека оваа партија е „левичарска“ иако тие отворено се залагаат за крајно националистички политики како обединување на Косово со Албанија, што секако би имало сериозни реперкусии и за Македонија. Покрај тоа, во политиките застапувани од партијата на Курти отсуствува било каков анти-империјализам, што би требало да биде една од основните обележја на левицата. За нашите НВО опкружени либерали ова не претставува никаков проблем за оваа партија да ја сметаат за прогресивна. 

После вчерашните избори на Косово, каде победи партијата на Курти, започна натпревар помеѓу дежурните корисни идиоти за тоа кој побрзо и поголема поддршка ќе изрази за нивните „другари“ на север. Интензитетот на нивните напори да го скријат под тепих национализмот на Движењето за Самоопределување на Косово, може да се спореди само со интензитетот на нивните напори да ја оцрнат Левица. Во случајот на Левица, заштитата на уставното име, националната историја и идентитет, како и отпорот против американскиот империјализам, ги етикетираат како одраз на национализам. Во случајот на Курти, неговата агенда за создавање на голема Албанија е прифатлив израз на самоопределување. Тие во оваа апологија одат и подалеку, па Курти го поздравуваат дури и како чувар на пламенот на албанскиот национализам“.

Ваквите корисни идиоти, додека во Македонија ги легитимираат анти-државничките и капитулантски преговори на Владата на Заев со Бугарија и Грција како „добрососедски односи“, како и мулти-култи политиките кои целосно го рушат унитарниот карактер на државата, за нив нема ништо спорно во претенциозните изјави на Курти дека дијалогот со Србија не е приоритет, туку е на шесто или седмо место.   

Покрај тоа, нивните аплаузи за поддршка на навидум прогресивната реторика на Курти за „редистрибуција“ и „анти-корупција“, служат само за да го одвлечат внимание од тоа што овие предлози се однесуваат само на Албанците, односно ги исклучуваат Србите и другите етнички групи, а второ и дека се целосно шупливи фрази кога се искажани од страна на такви колонијални поданици и НАТО фундаменталисти, како што е Движењето за Самоопределување на Косово. 

Косово денес ги продолжува крајно шовинистичките и дискриминаторски политики кон Србите. Србите на Косово немаат основна безбедност и слобода на движење. Немаат реални можности да се вратат во нивните домови надвор од српските области, а нивното земјоделско земјиште на Србите продолжува да биде под нелегална окупација. Нивната слобода да зборуваат српски и да ја практицираат својата религија исто е загрозена. Имаат слаб пристап до јавни услуги, како образование и правда, економски се скоро целосно исклучени, без пристап до вработување и крајно ограничено политичко учество. Имаат целосно ограничено учество во институциите на централно ниво и имаат целосна недоверба во косовската полиција. Програмата на Курти не укажува на никакви намери да се променат ваквите состојби. Напротив, тој изгради кариера врз основа на омраза против Србите и против Југославија. Во март 2000 во Ниш, Курти беше осуден на 15 години затвор поради злосторства против територијалниот интегритет на Југославија и тероризам. Тогаш тој изјави „Не го признавам судот, исто како што не ја признавам ни Србија, ниту Југославија“. Во периодот пред и после 2000 година Курти често патувал надвор од Косово, остварувајќи средби во Вашингтон, Њујорк и Брисел собирајќи поддршка за неговите националистички агенди.