„17+1 може да биде повеќе од 18“ – порача Си Џинпинг

На 9ти февруари преку видео-линк беше одржан Самит за соработка помеѓу Кина и земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа во рамки на механизмот 17+1. 

Претседателот на Народна Република Кина, Си Џинпинг, ја пофали соработката меѓу Кина и земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа, повикувајќи ги земјите да продолжат со моментумот и да работат заедно на новото поглавје во унапредување на соработката. 

„17+1 може да биде повеќе од 18“ истакна Си. Притоа, тој нагласи дека нивото на трговска размена помеѓу земјите од овој регион денес е за 85 проценти поголемо од пред 8 години кога започна иницијативата 17+1. Си додаде и дека соработката со овој регион е комплементарна со дијалогот помеѓу Кина и ЕУ, подвлекувајќи дека во 2020 биле постигнати нови напредоци во соработката помеѓу Кина и ЕУ како Сеопфатниот Договор за инвестиции, Договорот за географски обележја, како и Партнерствата за  дигитална и „зелена/еколошка“ соработка.

Иако Македонија е дел од иницијативата 17+1, во последните 3 години соработката со Кина е во целосен застој, поради што се пропуштени различни можности за инвестиции и економска соработка.

Претседателот на Кина истакна дека импресивен напредок бил постигнат во однос на неколку проекти, како што се пристаништето Пиреја во Грција, фабриката за челик Смедерево во Србија и мостот Пелешац во Хрватска. 

Си Џинпинг најави дека „Кина има намера да увезе производи во вредност од над 170 милијарди долари од регионот“ и дека „ќе работи на дуплирање на извозот на земјоделски производи во Кина и на зголемување на двонасочната трговија во земјоделството за 50 проценти“.

Исто така, најави интензивирање на работата на важни проекти за поврзување како железницата помеѓу Будимпешта и Белград, како и продожување на соработката на брзата железница помеѓу Кина и Европа со цел да се отклучи целиот потенцијал за соработка. 

Оваа година го означува почетокот на 14тиот пет годишен план на Народна Република Кина на патот кон изградбата на модерна социјалистичка држава.