АктуелноИнтернационално

„Спутник В’’ е ефикасен во 92 % дури и кај луѓето над 60 години – објави списанието „Лансет’’

Клиничките испитувања биле спроведени на над 20 000 учесници, од кои 2.144 беа постари граѓани.

Научното списание „Лансет“ објави прелиминарна анализа на третата фаза од клиничките испитувања на вакцината „Спутник В“, покажувајќи дека рускиот производ е 91,8 проценти ефикасен во заштитата на луѓето постари од 60 години. Овие клинички испитувања беа спроведени со 20 000 учесници, од кои 25 проценти добија пласибо. Студијата вклучува 2.144 лица постари од 60 години.

Податоците за безбедноста на 1.369 од нив откриле дека најчестите несакани ефекти биле симптоми слични на грип или имале некоја локална реакција. Овие беа во согласност со повеќето негативни ефекти пријавени во другите возрасни групи. Сериозни несакани дејства беа ретки и кај пласибо групата (0,4 проценти) и кај вакцината (0,2 проценти). Ниту еден од овие неповолни настани не бил поврзан со вакцинација. За време на периодот на спроведување на студијата, четири лица починале, но нивната смрт не била поврзана со вакцината.

Ијан Џонс (Универзитет во Ридинг) и Поли Рој (Лондонско училиште за хигиена и тропска медицина) коментираат дека развојот на руската вакцина е непотребно критикуван бидејќи резултатите јасно го покажуваат „научен принцип на вакцинација“.

Спутник В е вакцина која вклучува два аденовирусни вектори (rAd26-S и rAd5-S) кои се модифицирани за да го изразат SARS-CoV-2 S протеинот. Како резултат, овие вектори не можат да се реплицираат во човечките клетки или да предизвикаат болест. Списанието „Лансет’’ потсети дека оваа техника била користена претходно и нејзината безбедност е потврдена во неколку клинички студии.

Досега, употребата на Спутник В беше овластена во земји како Унгарија, Алжир, Србија, Аргентина, Боливија, Венецуела, Парагвај, Туркменистан, Белорусија, Казахстан, Обединетите Арапски Емирати и Иран.