Фирма за марихуана поврзана со син на советник во американска амбасада нелегално работела

Крушевската фирма „5 летерс“ e пред одземање на лиценцата за одгледување марихуана. Станува збор за фирма чие производство е лоцирано во крушевското село Алдинци, а од која неодамна без украдени 60 килограми марихуана, за потоа во заедничката акција на Меѓуресорската комисија и МВР да биде откриено дека во оваа фирма се одгледувал и канабис кој не бил пријавен. Контроверзностите со оваа фирма го дополнуваат фактот што еден од осомничените во кражбата е и роднина на заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши.

93% од сопствеништвото на фирмата „5 летерс“ е во рацете на американски инвеститор, додека 7% има Зоран Јаневски, пријател на премиерот Зоран Заев и член на неговата партија, а кој до пред една година немал никаков допир со марихуана. Но, она што го прави овој настан уште поконтроверзен е што веќе протекоа информации дека позади иницијалите К.Б. всушност се крие името на синот на советникот во Амбасадата на САД Митко Бурчевски, Коста Бурчевски.

Според извесни информации, во домот на Коста Бурчевски веќе бил извршен претрес при кој била пронајдена поголема количина на марихуана, документација и други докази во врска со настанот, поради што е поднесена кривична пријава.