МНР продолжува со поддршката за Саудиска Арабија во војната во Јемен која предизвика хуманитарна криза?

На 29 март 2018, Министерството за надворешни работи на Република Македонија застана на страната на Саудиска Арабија во војната во Јемен. Како што се вели во соопштението објавено на веб страната на МНР: „Република Македонија остро ги осудува ракетните напади од страна на Хутите врз градови во Саудиска Арабија, кои се случија на 25-ти март 2018 година.“ Соопштението е објавено во периодот кога министер за надворешни работи беше Никола Димитров.

Со оглед на тоа што соопштението од март 2018 е единствената реакција на македонската дипломатија во однос на војната во Јемен, заклучокот е дека Министерството за надворешни работи продолжува со поддршката за Саудиска Арабија, а со тоа е и соучесник во хуманитарната криза во Јемен. Воедно, ова покажува и дека Македонија е една од последните држави кои остануваат на страната на Саудиска Арабија во Јемен, што е спротивно и на политиките на ЕУ и на САД. 

Во средата, новиот американски претседател Џо Бајден ја повлече американската поддршка за офанзивата на Саудиска Арабија во војната врз Јемен. Тој изјави: „Војната мора да заврши. Ние ја прекинуваме американската поддршка за офанзивните операции во војната во Јемен, вклучително и продажбата на оружје таму“. Сепак, Бајден не пропушти да подвлече дека САД ќе продолжи со поддршката и помошта за нивниот сојузник Саудиска Арабија. 

Јемен веќе 6 години се наоѓа во хуманитарна криза. Според Обединетите нации, 24,1 милиони луѓе или 80% проценти од населението живеат под границата на сиромаштијата, отсечени од светот и без можност за добивање хуманитарна помош. Повеќе од 14 милиони луѓе имаат итна потреба од помош, а над 3 милиони се раселени од нивните домови од 2015 година. 

Ситуацијата таму дополнително се влоши поради коронавирусот. Хуманитарниот тим на ОН алармираше дека на Јеменците им е очајно потребна помош во вид на основни средства за живот и ја обвини Саудиска Арабија дека со своите повеќемесечни и секојдневни бомбардирања ги спречува ОН да му достават хуманитарна помош на загрозеното население.