АктуелноЛокалноСтав

Отворено писмо на потпреседателот на НСОН до директорите на училиштата

Додека во јавноста секојдневно се изнесуваат аргументи против најавените реформи во образованието, се чини дека единствените субјекти кои ја поддржуваат Концепцијата на минситерката Царовска се директорите на училиштата и неколку невладини организации, што воопшто не е изненадувачки, со оглед на фактот дека Царовска потекнува од невладиниот сектор. Во таа насока, го пренесуваме отвореното писмо на потпреседателот на Независниот синдикат за образование и наука и администратор на наставнички пленум – Енвер Ајдини.


Почитувани колешки и колеги, како сте? Колку брзо поминува времето.

Како вчера да беше 2015, годината во која другарувавме на асфалтот, таа година кога сплотени како еден гласно кажавме дека сме против експерименти во образованието, против раслојување и неправедно вреднување на нашиот труд. Денови и денови поминавме заедно, обединети, така изгледаше тогаш, околу идејата за достоинствен и функционален труд на просветните работници, за образование по мерка на децата и иднината, образование во кое нема секоја политичка партија што ќе наиде на власт да дотура сол и пипер по свој вкус. Како одминуваше времето, некои таа идеја ја заменивте со прагма- избравте да бидете директори и советници, градоначалници, пратеници. Другите се посветивме на градење Независен синдикат за образование и наука. На сите ви посакав среќа во градењето партиски кариери, а јас се посветив на градење на независен синдикат.

Денес вие сте стокмени во климатизаирани канцеларии, а ние секојдневно ја заобиколуваме Македонија посветени да ги решаваме проблемите со кои колегите се соочуваат, да собираме членови, да градиме синдикат. Тогаш, во 2015 кога исправени пред МОН заедно фрлавме дрвја и камење по СОНК затоа што не сакавме владин синдикат. Оттогаш наваму- вие се посветивте на политика, јас и други- на синдикализам. Не, не ви се лутам , имате право на личен избор. Не ви се лутам ни затоа што ја изгубивте критичката мисла и што в рака зедовте различен аршин од тој со кој меревме во 2015. Не се лутам дури ниту поради тоа што го заборавивте другарството кое што го имавме на протестите со Наставничкиот пленум и што премолчавте кога вашата партија го ектикетираше мојот синдикат како творба на ВМРО, иако убаво ја знаете вистината. Сепак премолчавте. И тоа ќе го простам.

Ама, се прелеа чашата и тоа нема да ви простам ниту јас, ниту останатите со кои го чекорам патот на синдикализмот тоа што токму вие, истите, другарите со кои протестиравме пред шест години се дрзнавте, од политичките позиции на директори во образовни институции да правите притисок колегите да се отчленат од НСОН, а истовремено да делите пристапници за синдикатот кој со години плукавте , со укажување дека ние, вистински НЕЗАВИСНИТЕ сме опасност за образованието! Ние што со години даваме сè од себе за да ги оттргнеме наставниците и образованието од прангите на политичките партии! Грешите ако мислите дека ви се плашиме и дека ќе се повлечеме! Искрената идеја е помоќна од било која фотелја!

За првпат од осамостојувањето имаме Независен синдикат за образование и наука и тој е како магнет за просветните работници кои сакаат да ги истераат партиите од образовните институции и спремни се да се борат до крај за враќање на угледот на нашата професија. Бидете сигурни дека ќе успееме, и дека нема да подлегнеме на ниту еден притисок. Памтете вие, бидејќи ниту ние нема да заборавиме на која страна сте застанале во периодот на зачеток и развој на независното синдикално делување, затоа што за овие моменти ќе се зборува во иднина! Ќе не видите во блиска иднина повторно на асфалтот, многу побројни и многу посилни!

Со почит,

Потпретседател на НСОН и администратор на Наставнички пленум Енвер Ајдини


ОТВОРЕНО ПИСМО НА ПОТПРЕСЕДАТЕЛОТ НА НСОН И АДМИНИСТРАТОР НА НАСТАВНИЧКИ ПЛЕНУМ – ЕНВЕР АЈДИНИ ДО ДЕЛ ОД ДИРЕКТОРИТЕ НА…

Posted by Независен синдикат за образование и наука on Monday, 25 January 2021