АктуелноЛокално

Студентите со герила против реформите на Царовска

Студентите од Институтот за историја при Филозофскиот факултет организираа герила акција пред Министерството за образование и наука против најавените реформи, за кое спроведување јавноста силно се противи. Тие побараа да се повлече новиот концепт на МОН, бидејќи како што потенцираа, изостана јавната дебата за ова прашање, иако истата беше најавена.

– На најподмолен начин пробуваат да протуркаат нешто што нема да претставува модерна реформа, туку со слевањето на предметите едни во други ќе настане тотална деструкција на многу научни предмети, а пред се, на нешто што е државотворно за нас Македонците, а тоа е македонската историја. Целиот универзитет Свети Кирил и Методиј, целата Македонска академија на науките и уметностите, сите релевантни и меродавни институции се изјаснија против овој нов концепт. Уште кој треба да им даде до знаење дека треба да запрат? Ние не замолуваме, туку бараме под итно да се повлече новиот концепт на министерството за образование и наука, истакнаа учесниците на протестот.

Министерката Царовска периодов е под силна критика поради избегнувањето соодветна дебата и дискусија за најавените реформи, додека од соседна Бугарија доаѓаат закани од министерот Каракачанов дека влезот во ЕУ не е возможен без реформи во образованието. Единствената поддршка за реформите дојде од директори на неколку училишта, при што се испостави дека дел од нив се членови на владејачката СДСМ.