Христијанското влијание врз западниот марксизам: пуританство мачеништво но НЕ и вистинска револуција
Автор: Џонс Маноел, член на БКП (Бразилска Комунистичка Партија/ Partido Communista Brasileiro).
Текстот е преведен од порталот princip.info.
Има една основна противречност во многуте марксистички студии што потекнуваат од западот. Секој пат кога зборуваат за марксизмот во Азија – во Кина, Кореја или Виетнам – или кога зборуваат за популарни движења во Африка, како што се Египет или Либија, тие го потенцираат влијанието на религијата врз овие политички движења и националното прилагодување на марксизмот. Кога некој марксистички истражувач проучува, на пример, кинески марксизам, тој е должен да го зема во предвид влијанието на конфучијанската филозофијата врз кинеската култура општо и на кинескиот марксизам посебно. Исто така, влијанието што го има исламот врз многу африкански земји секогаш се зема во предвид при анализата на социјалистичките нации како што е Алжир.
Кога на ред ќе дојде да се разгледа марксизмот во западната политика, влијанието на христијанството во конструкцијата на симболичниот, субјективниот и теоретскиот универзум на овој марксизам ретко се зема во предвид. Во Азија, конфучијанизмот има влијание врз политиката, во Африка исламот има влијание врз политиката, но во Бразил, во САД, во Франција, во Португалија, христијанството не игра слична улога во формирањето на историска субјективност. Ова е грешка од многу едноставна и објективна причина, која Антонио Грамши ja истакнува во неколку различни пасуси во Писма од затвор: Католичката црква е институција која најдолго постои на западот. Ниту една друга институција не успеа да остане жива толку долго со толкав капацитет да шири и да циркулира идеи и концепти, преку интелектуални свештеници, бискупи и теолози, организирана во бирократија каква што има Католичката црква. Значи, невозможно е сериозно да се зборува за марксизмот, политиката, субјективноста, културата и симболичкото поле во западот без да се вметне улогата на христијанството во секоја општествена формација, во секоја специфична земја како елементи на анализа.
Верувам дека невозможно е да се сфати феномениот кој погрешно е опишан како „популизам“ (израз што не го користам), феноменот како однос на народот од ниските класи со луѓе како Лула, Гетулио Варгас, Мигел Араес, Бризола, Перон и Хуго Чавез без да се разберат основните конфигурации на католичкиот однос меѓу приврзаниците и светците. Секако, ова не е единственото објаснување, но има симболичен елемент во политичката структура на овој однос. Долго размислував за ова. Не е моја идеја – Доменико Лосурдо и други напишаа за тоа како фетишот за пораз е една од основните карактеристики на западниот марксизам и како тоа е погрешно протолкуван дериват на христијанската култура.
Според Пери Андерсон, постои голема тенденција во источната левица да се одвојуваат западниот и источниот марксизам. Западниот марксизам е во основа еден вид марксизам кој, како клучна карактеристика, никогаш не користел политичка моќ. Тоа е марксизам кој се’ почесто се занимава со филозофски и естетски прашања. На пример, ваквиот марксизам се повлече од критиките кон политичката економија како и од фокусот на проблемот со освојувањето на политичката моќ. Тој се повеќе и повеќе завзема историско растојание од конкретните искуства на социјалистичката транзиција во Советскиот Сојуз, Кина, Виетнам, Куба и така натаму. Овој западен марксизам се смета себеси за супериорен во однос на источниот марксизам, затоа што не го „извалка“ марксизмот претворајќи го во идеологија на државата, како што е на пример, советскиот марксизам, и никогаш не бил авторитарен, тоталитарен или насилен. Овој марксизам ја одржува чистотата на теоријата на штета на фактот дека никогаш не создал револуција на кое било место во Земјата – ова е многу важна поента. Каде и да се случила победничка социјалистичка револуција на Запад, како Куба, таа е многу поблиску поврзана со таканаречениот источен марксизам отколку со овој западен марксизам произведен во Западна Европа, САД, Канада и делови на Јужна Америка. Овој марксизам е горд на својата чистота и ова е првата елементарна карактеристика што произлегува од христијанството. Грамши покажува дека една од главните историски грижи на Католичката црква е да го контролира читањето и дифузијата на христијанството, блокирајќи го подемот и ширењето на популарните, автономни и основни толкувања и со тоа да ја спаси чистотата на историската доктрина. Затоа, Католичката црква за христијанството може да каже дека тоа е љубов, еднаквост, сакање на ближниот, сочувство и ненасилство, па и покрај фактот дека тоа било основно оружје во легитимирањето на ропството, крстоносните војни и колонијализмот како и покрај неговата блискоста на Католичката црква со разни елементи на нацистичкиот фашизам и воените диктатури. Постои една константа низ целата историја на христијанството, а тоа е дека овие елементи не ја корумпираат доктрината. Тие се или лажни манифестации на христијанството, или се факти, како компири во вреќа, кои немаат теоретско, политичко или што е најважно, теолошко значење. Значи, фактот дека историјата ја негира афирмацијата дека христијанството се заснова на сочувство и мир не ја менува или ја оспорува доктрината.
Многу марксисти се однесуваат на ист начин. Нивната најголема грижа е чистотата на доктрината. Секој пат кога тие историски факти ја оспоруваат доктрината или ја покажуваат комплексноста на практичната оперативност на елементите на теоријата, тие негираат дека овие елементи се дел од приказната за марксистичката теорија и доктрина. На ова се изградени, на пример, доктрините на предавство. Секое движење што се чини дека малку се оддалечува од овие „чисти“ модели кои беа создадени a priori, се објаснува преку концептот на предавство или се објаснува како „државен капитализам“. Оттука, ништо не е социјализам и сè е државен капитализам. Ништо не е социјалистичка транзиција и сè е државен капитализам. Револуцијата се случува само во оној момент на величенствен, во моментот на преземање на политичката моќ. Почнувајќи од моментот на градење на нов општествен поредок, таа прекинува. Револуцијата е секогаш политички процес кој има два моменти: момент на уништување на стариот капиталистички поредок и преземање на власта, и момент на градење на нов поредок. Противречностите, проблемите, неуспесите, грешките, понекогаш дури и злосторствата, главно се случуваат во оној момент при градење на новиот поредок. Значи, кога ќе дојде време да се процени градењето на нов општествен поредок – каде што, очигледно, практиката секогаш се оддалечува од чистотата на теоријата – она спесифичното се појавува како корумпирано пред универзалното. Токму во овој момент се појавува идејата за предавство, исто така и, идејата за контрареволуција и се појавува идејата за државен капитализам со цел да се зачува чистотата на теоријата.
Одличен пример за ова беше кога Советскиот Сојуз влезе во процес на терминална криза. Како што се приближуваше крајот на Советскиот Сојуз, многу западни марксисти објавија дека тоа е голем настан во историјата на марксизмот, бидејќи конечно марксизмот беше ослободен од тој експеримент што се роди за време на Октомвриската револуција, што го искриви марксизмот, што го трансформираше марксизмот во обична државна идеологија. Сега, ослободен од потреба за објаснување на оковите во кои се одржуваше Советскиот сојуз, марксизмот конечно ќе се ослободи и ќе го достигне својот еманципаторски потенцијал.
Друг фактор, кој што е многу чест во западната левица, е тоа да страдањата и екстремната сиромаштија се третираат како елементи на супериорност. Многу е вообичаено во западната левичарска култура да ги поддржуваме мачениците и страдањата. Секој денес го сака Салвадор Аљенде. Зошто? Салвадор Аљенде е жртва, маченик. Тој беше убиен во државниот удар на Пиноче. Кога Хуго Чавез беше жив, многу од левицата го осудуваа . Да беше убиен, на пример, во обидот за државен удар во 2002 година, како симбол на страдање и мачеништво денеска ќе го обожаваше огромното мнозинство на западната левица. Бидејќи тој продолжи да ја извршува власта како водач на политички процес, кој по својата нужност имаше разни противречности, тој (Чавез) се повеќе ја губеше поддршката, како што одминуваше времето – дури и не морам да спомнувам што му се случи на Мадуро тука. Истите овие од левицата кои ја слават и ја поддржуваат идејата за Аљенде затоа што тој го бранеше демократскиот социјализам, не гледаат или не сакаат да видат дека Аленде управуваше речиси целосно преку декрети. Во тоа време, чилеанскиот устав имаше правен механизам што им овозможи на извршната власт да управува со декрети кои не мора да бидат одобрени од парламентот или Врховниот суд. Значи, Аљенде можеше да донесе закони преку декрети кои ги заобиколија Конгресот и Врховниот суд. Бидејќи Аљенде немаше мнозинство во Конгресот и страдаше многу од буржоаската опозиција, тој во основа управуваше преку декрети во текот на целиот свој мандат. Ваквиот начин на владеење доволен е денеска да секој левичарски лидер кој го практикува да биде обележан како авторитарен, и да се спореди со Трамп, Болсонаро или Орбан. Ако Аљенде беше жив денес, тој исто така ќе беше критикуван, но тој почина.
Друг пример за ова е состојбата со Че Гевара и Фидел Кастро. За повеќето западни левичари, Че Гевара претставува бунтовнички сонувач. Во реалниот живот тој не беше тоа, но тие ја изградија оваа слика околу него. Че Гевара загина жртвувајќи се во џунглите на Боливија, па сега тој е симбол на жртвата, мачеништвото и агонијата на поразот. Фидел остана во Куба како лидер на Кубанската револуција и сите противречности на овој процес. Денес, многумина го сметаат за бирократ, а за мнозинството од западната левица, без шарм и привлечност. Че Гевара е вечен симбол на отпор, на сонување, на утопија што е неисполнета поради смртта.
Друг пример за ова е контрастот во начинот на кој се третира Народна Република Кореја (Северна Кореа) во споредба со Палестина. Двете нации се вклучија во иста борба – антиколонијалната борба за национална независност. Во случајот на Кореја, борбата се водеше од социјалистичка перспектива. Кореја е успешна, и покрај тоа што е земја која е скршена од империјализмот. Има економија која е релативно силна, со разумно високо ниво на индустријализација, многу силна национална армија и капацитет за лансирање нуклеарно оружје. Значи, Кореја не е народ без одбрана. Палестинците се народ кој е длабоко потиснат, во ситуација на екстремна сиромаштија, кој нема национална економија затоа што нема национална држава. Тие немаат армија или воена или економска моќ. Затоа, Палестина е тотална инкарнација на метафората Давид наспроти Голијат, освен што овој „Давид“ во политички и воен конфликт нема шанса да го победи “Голијат“. Затоа, скоро сите од меѓународната левица се наклонети кон Палестина. Луѓето стануваат воодушевени гледајќи ги тие слики – што мислам дека не се многу фантастични – на дете или тинејџер кој користи прашка за да фрли камен на тенк. Погледнете, ова е јасен пример за херојство, но исто така е симбол на варварство. Ова е народ кој нема капацитет да се брани, соочен со империјалистичка колонијална моќ, вооружена до заби. Тие немаат еднаков капацитет на отпор, но ова е романтизирано. Западните левичари ја сакаат оваа ситуација на угнетување, страдање и мачеништво.
Друг многу добро познат случај е случајот со Виетнам. Секој го поддржуваше Виетнам кога беше нападнат, уништен и бомбардиран повеќе од 30 години. Виетнам ја победи Јапонија во Втората светска војна, потоа мораше да се бори против Франција, а потоа мораше да се бори со САД. Поминаа 30 години непосредно, без да може да се изгради проклето училиште или болница затоа што ќе падне бомба, прво од Франција, а потоа од САД, и ќе го уништи. Кога земјата конечно ги порази сите колонијални и неоколонијални сили имаше можност да започне со планирање, да гради автопати, електрични системи, училишта и универзитети без да има бомби следниот ден и да уништи сè што се правеше, тогаш земјата беше напуштена од мнозинството левичари. Го изгуби својот шарм, го изгуби своето волшебство. Постои фетиш за пораз во западната левица. Тоа е идеја дека поразот е нешто величествено.
Јасен пример за овој фетиш е во случајот со пучот во Боливија. Славој Жижек, познатиот критички мислител, напиша статија под името „Боливија: Анатомија на државен удар“, и што беше неговата најголема грижа? Па тоа оти требаше да покаже дека Ево Моралес е демократски, дека Ево Моралес не чистеше или затвораше предавници за време на обидите за државен удар во минатото, и дека сега истите тие луѓе извршија државен удар против него. Со други зборови, Жижек го фали самиот елемент што доведе до пораз на револуцијата во Боливија како доказ за етичка и морална супериорност. Погледнете колку е чудесна Боливија денес. Секој ден активист е убиен или затворен, но тие имаат морална утеха дека не биле репресивни или авторитарни со боливиската буржоазија.
Трет елемент што е вообичаен во западната левица доаѓа од христијанскиот концепт дека спасението не е производ на постапките на една личност, туку одлука донесена од Бога. Тоа е идејата дека, иако работите да правите добри дела, да го следите библискиот закон, да бидете добра личност и така натаму, вашето спасение е одлука на Бога. Субјективните напори поврзани се централната точка на марксизмот, како што е освојување на политичката моќ (како што рече Ленин, „сè што е надвор од политичката моќ е илузија“), се девалвирани поради ова влијание од христијанската култура, иако мнозинството од марксистичките интелектуалци се атеисти. Наместо тоа, најголемата вредност станува вечна позиција на отпор, што произведува чувство на гордост. Кога Берни Сандерс по втор пат ги изгуби демократските избори, познат марксистички професор на Универзитетот во Сао Паоло објави на Фејсбук: „Се боревме како никогаш порано. Изгубивме како и обично, но борбата продолжува. Сега, Александра Окасио Кортез е иднината на социјализмот во САД“. Марксистичката логика на размислување за сите политички конфликти во смисла на стратегија, тактика, коалициска политика, програми, критичко анализирање на грешките за да ги избегнуваме истите, за напаѓање на нашиот непријател од политичка, па дури и воена гледна точка, за да се преземе власта, едноставно исчезна, се замени со вечно движење на отпор како да е доказ за божествен благодат. Самата логика што треба да биде суштината на политиката, што е логика на стратегијата, се девалвира бидејќи отпорот станува цел самиот по себе.
Заедно, трите елементи кои штотуку ги опишав, создаваат еден вид нарцистички оргазам на поразот и чистота. Субјектот се гордее што нема никаква врска со целото историско конкретно движење на работничката социјалистичка и национално ослободувачка револуција. Тие се гордеат што немаат никаква теоретска или политичка врска со револуциите во Кина, Русија, Виетнам, Алжир, Мозамбик и Ангола. Наместо тоа, тие се горди на претпоставената чистота што нивната теорија што не е контаминирана од тешкотиите при вршење моќ, од противречностите на историските процеси. Да се биде чист е она што го предизвикува овој нарцистички оргазам. Оваа чистота е она што ги прави да се чувствуваат супериорно. Ги прави да се чувствуваат дека имаат привилегиран морален и етички став во споредба со другите левичари кои, на пример, ја признаваат кинеската револуција или кубанската револуција и, според тоа, прифаќаат авторитаризам и прифаќаат економија што не се базира на целосна реализација на само-управување. Овој вид марксизам нема никаква критичка моќ. Може да произведе и произведува многу добра анализа на реалноста, но не е во состојба да произведе движење стратешко и револуционерно, кое има за цел да ја преземе политичката моќ. Затоа, процесот на обнова на револуционерниот марксизам на Запад треба да ги препознае овие симболични елементи, кои станаа вкоренети во западниот марксизам, и кои беа шверцувани како контрабанди од христијанството. Овие елементи треба да бидат предадени на радикална критика и истите да се надминат.