Американските биолошки истражувања на територијата на Украина

  • Пишува: Дарко ТодоровскиМагистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Пентагон свесно создава биолошка закана директно во близина на руските граници повеќе од 17 години, рече политикологот и експерт за биооружје Игор Лукјанов за време на меѓународната конференција оддржана во Општествената Палата на Руската Федерација на тема „За американските биолошки лаборатории во Украина“ на 2 јуни. На конференцијата учество зедоа експерти за биолошко оружје, новинари, политолози од 15 различни држави.

На конференцијата на нас, акредитираните странски новинари ни беа претставени различни информации дека почнувајќи од 2005 година, САД потрошиле повеќе од 200 милиони долари на разни биолошки експерименти и програми во Украина, формирајќи 13 биолаборатории низ целата земја, работејќи на повеќе од 1.500 видови соеви на различни вируси и со 1.400 различни патогени. Плус Украина на САД им ги предале целата документација и архива за советските биолошки програми и истражувања.

Според Игор Лукјанов, акумулирана е огромна количина материјали за американската биолошка програма, достапни се стотици страници од внатрешните извештаи од украинската безбедносна служба и документација за самата програма за истражување на патогени во интерес на Министерството за одбрана на САД, односно Пентагон. Лукјанов е сигурен дека Вашингтон постојано создава појас од биолошки лаборатории околу Русија, претворајќи го евроазискиот простор во единствено полигон за проучување и тестирање на најопасните заразни болести.

Во 2005 година, Министерството за здравство на Украина и Пентагон го потпишале „Договорот за спротивставување на заканата од биотероризам и спречување на ширење на бактериолошки оружја, технологии, материјали и знаење“. Во согласност со потпишаниот документ, Министерството за одбрана на САД се обврза да помогне во подобрувањето на циркулацијата на патогените материи во Украина. Потпишувањето се случи во Киев во присуство на идниот американски претседател Барак Обама.

„Анализираниот број на податоци ни овозможува самоуверено да тврдиме дека целите и задачите на оваа програма се многу различни од декларираните во самата програма.“ – Игор Лукјанов.

За Лукјанов нема сомневање зошто САД ја избрале Украина. „Според еден од водачите на проектот Заедничка биолошка програма во Украина, вработена во Стејт департментот Џоана Винтрол, ова се должи на „етничката блискост на Украинците и Русите“. Под нејзин директен надзор се воделе американските проекти UP-4, UP-5, UP-6, UP-8 за проучување на смртоносни патогени, вклучувајќи антракс, кримско-конго треска, лептоспироза. На територијата на Украина, поточно во градовите каде што се сместени овие биолошки лаборатории, во последните 10 години се појавија нови вируси и заболувања, кои што во минатото не постоеле и не биле регистрирани во тие делови на Украина“ – Игор Лукјанов.

Лукјанов објасни дека самата воена биолошка програма во Украина се спроведува со учество на единицата на Пентагон – Агенцијата за намалување на одбранбените закани (Defense Threat Reduction Agency — DTRA) и Армискиот институт за медицински истражувања на заразни болести (USA MRIID, со седиште во Форт Детрик, Мериленд), наречена во печатот како „лабораторија на смртта“. Според него, до 1998 година Агенцијата за намалување на одбранбените закани имала друго име – Агенција за специјално оружје (Defense Special Weapons Agency).

Експертот зборуваше и за загриженоста што ја изразија неговите колеги од целиот свет во врска со лабораториите во Украина, како и другите поранешни советски републики, игнорирајќи ги предупредувањата на Москва. „Украина и неколку поранешни советски републики една по друга ги пренесуваа своите колекции на опасни патогени во САД во замена за американска помош. Кој ги неутрализирал овие опасни патогени во САД, како и дали всушност биле уништени не се знае. Сите информации се високо класифицирани и се тајни, никакви меѓународни експерти немаат достап до резултатите од тие истражувања и програми, а самите патогени се движат низ светот или се уништуваат во тајно опкружување, што само по себе е кршење на обврските на САД и Украина според Член 4 од Конвенција за забрана на развој, производство и складирање на бактериолошко (биолошко) и токсинско оружје и за нивно уништување и Резолуцијата бр.1540 на Советот за безбедност на ОН од 28 април 2004 година. Дополнително, биолабораториите создадени од САД ширум светот, кои работат во затворен режим, над нив немаат контролата владите на земјите во кои се наоѓаат. Персоналот во лабораториите често е составен од Американци со дипломатски имунитет, а локалните здравствени службеници немаат директен пристап до овие установи“ – Лукјанов

Лукјанов е убеден дека вистината за биолошките програми на САД ширум светот треба да се објави, а инволвираните во оваа активност доколку се виновни да бидат казнети, барем во согласност со националното законодавство на оние земји против чие население биле насочени овие програми. Според експертите, биолабораториите претставуваат голема опасност за човештвото, а нивните активности покрај од чисто истражувачки се поврзани и со развојот на биолошко оружје што може директно да им наштети и на луѓето и на економијата поради заразувањето на животните и на птиците. Во исто време, биолошкото оружје е забрането со соодветна меѓународна конвенција која што е подпишана и од страна на САД.

Русија и НР Кина во Советот за Безбедност на ООН како и во другите меѓународни институции, и преку своите Министерства за надворешни работи бараат од САД да ги објави сите документи и резултати од истражувањата во големиот број на биолошки лаборатории кои што САД ги поседуваат ширум светот, за светската јавност да се запознае какви биолошки истражувања и програми САД со години спроведувале ширум светот, не само во Украина. Дали се работи за програми и истражувања со цел за доброто на човештвото, или се работи за програми и истражувања со воена цел.