АктуелноИнтернационално

Марадона почина на ист ден како неговиот голем пријател Кастро

Диего Армандо Марадона стана легенда засекогаш на 25 ноември 2020 година и почина истиот ден со неговиот голем пријател. Славниот Ел Пибе дури го имаше истетовирано ликот на Фидел Кастро. Тој никогаш не криеше колку му се восхитува на деценискиот социјалистички водач на Куба.

Диего Марадона, анти-империјалист, социјалист и сигурно еден од најголемите имиња во фудбалот, почина вчера на 60-годишна возраст.

Марадона беше левичар на фудбалските терени, како и во политичките убедувања. Како фудбалер неуморно се бореше против корупцијата во Меѓународната фудбалска асоцијација (ФИФА), која ја споредуваше со мафија. Тој се бореше да ги обедини фудбалерите во синдикално движење и на крајот на 90-тите Марадона, со други истакнати фудбалски ѕвезди, ја формира Меѓународната асоцијација на професионални фудбалери, чија цел беше заштита на правата на играчите.

Марадона јавно ја покажуваше својата поддршка кон левичарските, социјалистичките и прогресивните движења и влади во светот, а особено во Латинска Америка. Тој исто така отворено му пркосеше на империјализмот и колонијализмот и беше цврст поддржувач на палестинската кауза велејќи „Во моето срце јас сум Палестинец

Со тетоважа од Че Гевара на раката и Фидел Кастро на ногата, тој беше близок пријател и поддржувач на Хуго Чавез, Ево Моралес и Фидел Кастро. Марадона во една прилика изјави: „Верувам во Хуго Чавез. Јас сум Чависта. Сè што прават тој и Фидел, од моја гледна точка, е најдобро”. Како социјалист и анти-империјалист, Марадона остана посветен поддржувач на боливиската револуција во Венецуела и на прогресивните социјални движења низ Латинска Америка, без да изгуби надеж за еманципацијата на сиромашните и угнетените.

„Јас сум од левицата во смисла дека сум (…) за напредок на мојата земја, за подобрување на животот на сиромашните луѓе, за сите да имаме мир и слобода“. […] „Ние не можеме да бидеме купени, ние сме левичари со нозете, левичари со рацете и левичари сме во умот. Тоа треба да го знае народот, дека ја кажуваме вистината, дека ние сакаме еднаквост и дека ние не го сакаме знамето на Јенките.“

Великаните живеат вечно преку нивните дела!