АктуелноИнтернационално

Проблеми заради „фашистичкото минато“ и на далечниот Исток

Зад секое „историско решение“ се наоѓаат грст проблеми кои, навидум решениот проблем за миг можат да го рективираат истиот тој проблем. Оние кои ги влечат корените од „фашистичкото минато“ секогаш будат посебна емоција и одново се покажуваат како нерешливи. Во јавноста често се создава впечаток дека ваквите проблеми се актуелни, единствено на Балканот, одново и одново, но во изминатата недела ваквите проблеми станаа актуелни и на Далечниот Исток.

Односите помеѓу Јапонија и Република Кореја започнаа со Mеѓународниот договор од Сан Франциско 1951 г. Мировниот договор ја обврза Јапонија да ја признае независноста на Кореја, додека членот 4 од Пактот предвидуваше било какви  имоти и побарувања меѓу двете земји да бидат решени „преку посебни договори“ меѓу двете страни. Врз основа на ова, Сеул и Токио започнаа билатерални разговори за нормализација, со што во 1952 г. беше донесен конечниот Договор за основни односи со придружен пакт за економска соработка (нашата дипломатска интелегенција би го нарекла договор за добрососедство).Со овој договор Јапонија се согласи да прошири огромна количина „економска соработка“ на корејската влада. Пакетот се состоеше од грантови во вредност од 300 милиони долари, заеми од 200 милиони долари (во период од 10 години) – средства во тоа време 1,6 пати повеќе од годишниот национален буџет на Република Кореја. Патем, овој договор ја вклучување репарацијата за Втората светска војна и компензација за незаконското колонијално владеење (1910-1945).

За возврат, корејската влада се согласи да искористи дел од тие средства за да ги обештети индивидуалните корејски регрути (воено принудени работници)  кои во време на војната  работеа за Јапонија.

Сеул беше согласен дека пактот го опфаќа прашањето за трудот во војната и дека корејската влада е одговорна за исплата на средства за обештетување на поединци. Но, претседателот Рох Му-Хјун со владата започна да тврди дека пактот од 1965 г. не опфаќа прашања за компензација за некои од оние кои доживеале тешкотии поврзани со војната како „менталното страдање“ или „воено принудените работници“.

Врховниот суд на Република Кореја во 2018 г. донесе одлука дека пактот од 1965 г. е дизајниран само за решавање на финансиските проблеми меѓу двете земји и дека правата на поединците да бараат надомест на штета не е прекината со договорот. Исто така беше создаден нов концепт на „штета за душевно страдање“ од „нечовечки дела“, според она што беше опишано како „нелегална“ јапонска колонијална окупација.

Врз основа на ваквата логика, Врховниот суд донесе одлука јапонските фирми да плаќаат оштета за „менталното страдање“ на поранешните „воено принудени работници“. Корејските историчарите велат дека Јапонија користела околу 220.000 принудени корејски работници за време на војната. Јапонија секако не се согласува со ова.

Од овој момент започна нова дипломатска битка помеѓу Јапонија и Кореја. Според извештајот на Санкеи Шимбун, Коно доставувал упатства за објаснување на нелегитимноста на пресудата на Врховниот  суд во Кореја до амбасадите на Јапонија во странство. 

Согласно јапонските власти „пресудата нема да има позитивно влијание врз односите меѓу европските и африканските земји. Ниту една земја никогаш не обезбедила компензација за нивното колонијално владеење. Доколку Токио ја прифати пресудата од Врховниот суд на Република Кореја, тоа може да ги обнови проблемите со обештетувањето за време на војната и со другите азиски земји. Пресудата ‘создаде право да бара нова категорија оштета’ и ако Јапонија го прифати тој аргумент, тоа ќе значи дека ништо не е решено што се однесува до душевната болка (под колонијално владеење)“.

Официјалната позиција на јапонските власти беше: „Не можеме да направиме никаков компромис, дури и еден милиметар. Пресудата целосно е спротивна на идејата што стои зад членот 4 од Договорот од Сан Франциско.“ Јапонија одлучи да поднесе жалба до Меѓународниот суд на правдата во врска со пресудата на Врховниот суд во Кореја со која им се наложува на јапонските  компании да ги обештетат корејските работници за присилна работа и неисплатени плати.  Ситуацијата ескалираше со одлуката на Јапонија да постави нови ограничувања за национална безбедност при извоз на  клучни материјали за производство на полупроводници и дисплеи, истовремено отстранувајќи ја Република Кореја од „белата листа“ на доверливи трговски партнери.

Како одговор, Република Кореја ја отстрани Јапонија од својата  „бела листа“ на трговски партнери и се закани дека ќе се повлече од договорот за споделување на воените информации на двете земји. Јужнокорејската јавност се зафати и со бојкот на јапонските производи. Во меѓувреме, група од околу 100 јапонски правни научници ја повикаа јапонската влада да ја признае нејзината одговорност за решавање на прашањето за присилна работа и помогне на компаниите да ги признаат своите повреди на човековите права за време на Втората светска војна и да им понудат извинување и обештетување на жртвите. 

Јапонскиот премиер Суга Јошихиде во вторникот се состана со директорот на корејската Националната разузнавачка служба Парк Ји-вон во знак на затоплување на односите меѓу двете земји. Суга изјави дека Република Кореја треба да иницира потези за подобрување на нивните врски, кои се сериозно затегнати поради пресудите на Врховниот суд на Република Кореја со кои им се наложува на јапонските компании да плаќаат надомест за злоупотреба на корејски работници за време на Втората светска војна. „Анимозитетот околу нивното колонијално минато се продлабочи во последните неколку години, загрижувајќи ги Соединетите држави, кои сакаат силен трилатерален сојуз во Азијатско-Пацифистичкиот регион“. 

По состанокот се огласи и Парк: „До премиерот Суга ги доставив нашите мислења (за прашањето на корејските воено-принудени работници). Лидерите на Република Кореја и на Јапонија се согласуваат за неопходноста од решавање на ова прашање и мислам дека можеме добро да го решиме тоа преку разговори.“

Меѓувремено се случија уште неколку средби кои имаат цел да го трасираат патот до одржување на состанок на највисоко ниво, додека дипломатијата на САД тивко почнува да се нуди за преземање на медијаторската улога во евентуалните преговори. Се’ друго што ќе се случува допрва ни претстои.

Останува фактот дека прашањата отворени заради фашистичкото минато не се актуелни единствено на Балканот. Во различни краеви од светот тие се проблематизираат, решаваат и пререшуваат – тоа е легитимно.  Но, никому не му паѓа на памет да проблематизира нечие постоење, да крои нова (ревизионистичка) историја, да го негира сопственото фашистичко минато или да генерира нови национал-шовинистичките идеи. Таквите карактери црти го красат само Балканот.