Нема платени дежурства за специјализантите – има за бесплатни тестови на функционерите

Од Здружението на лекари – специјализанти (ЗЛС) преку отворено писмо реагираа до министерот Венко Филипче по повод одлуката сите специјализанти да се пријават во регионалните ковид-центри. Во писмото, Здружение реагира за неправедниот однос кон специјализантите, со оглед на тоа што немаат здравствено осигурување и дежурствата не им се платени. Во продолжение е целата реакција на Здружението.


Почитуван министре,

Денес сите катедри ја добија вашата наредба за сите специјализанти од сите области (освен гинекологија и педијатрија) да се јават во регионалните Ковид центри на работа. Во однос на наредбата, приморани сме вака по јавен пат да ви доставиме РЕАКЦИЈА од причина што ЗЛС повеќе пати нагласуваше дека овој момент ќе биде неминовен и проблемите кои се таложеа мора да се разрешат итно.Специјализантите сметаат дека имаат должност да помогнат на своите пациенти во услови на пандемија.

Но, јавноста треба да знае дека најголем дел од приватните специјализанти НЕМААТ ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ и ДЕЖУРСТВАТА НЕ ИМ СЕ ПЛАТЕНИ. За овој проблем имавме повеќе состаноци и Ви беше јасно ставено до знаење дека нивното дополнително ангажирање во ковид центри е во најмала рака нехумано. Веќе имаме случаи на приватни специјализанти кои заболеле од Ковид-19 на своето работно место, па прегледите во јавното здравство морале да ги платат сами и одбивале хоспитализација поради тоа што не можеле да си ја дозволат! (пример во прилог). Покрај ова, дел од приватните специјализанти работатат и како матични лекари и водат Ковид19 пациенти, со што се отвара прашањето каде и со кои пациенти треба попрво да работат.

Понатаму, во дописот се повикуваат и сите државни специјализанти, но очигледно организаторот во Министерството не знае дека скоро сите државни специјализанти ВЕЌЕ РОТИРААТ во своите матични установи и во Ковид центрите или Брза помош низ државата. Мал дел кои не дежураат, сепак ротираат со РЕДОВНО РАБОТНО ВРЕМЕ, како родител на деца под 3 години (а другиот родител дежура во Ковид центар), самохраните родители (градинките не работат 12 или 24ч, ниту викенди!) или имаат сериозни хронични заболувања, но одлучиле да помогнат со лекување на пациенти со работа во т.н. жолти зони каде експозицијата на Ковид-19 постои, но е колку што е можно ограничена.

Во изминатиот период се одржаа три состаноци на темата со специјализантите од 5та и 6та год. каде беа изнесени сите овие отворени прашања и за истите не добивме одговор. Во време на пандемија додека сите држави низ Европа го наградуваат медицинскиот кадар со зголемување на платите од 100%, ние говориме за елементарни услови за работа и остварување на законски или човекови права.

Во тек на 9 месеци пандемија имавте време да ги разрешите сите проблеми и да се направи идеална организација на кадарот, каде секој доктор согласно својата специјалност и способности ќе биде најкорисен за чување на здравјето на популацијата. Наместо тоа, добиваме итна мобилизација, со многу стрес, хаотичност, нејасни и недоискажани услови за работење, а веќе сите сме преморени. Јавно го прашуваме Министерот, дали и понатаму вака ќе се грижите за Вашите доктори, за нивното здравје и добросостојбата на нивните семејства?