Малата хидроцентрала предизвика еколошка катастрофа во кичевска Белица

На Македонија периодов ѝ се случува екололошка катастрофа во однос на водните ресурси. Деновиве беа објавени запрепастувачки слики од пресушените Преспанско и Дебарско Езеро, додека жители од Кичевско објавија како мала приватна хидроцентрала го нарушува целиот биодиверзитет.

„Погледнете го пустошот што оваа мала хидроцентрала го има направено на нашата река. Нема вода, нема риби, нема живот ниту за животните ниту за луѓето. Некогаш тука имаше рибари бидејќи ова е притока на Треска и беше познато природно мрестилиште на пастрмка. Денес гледате тука празно корито“, велат во своето обраќање до јавноста претставниците на месната заедница на Белица. 

На видеото може да се забележи затворениот бетонски канал кој треба да претставува рибна патека, нешто што според стандардите треба да го има секоја мала хидроцентрала за да може да се одржи живиот свет во реката.

Жителите се чувствуваат немоќни да се изборат за спас на своето село и на својата река бидејќи сопствениците на малата хидроцентрала се однесувале арогантно и насилнички и им се заканувале. „Со години работиме да го обновиме селото, тие дојдоа и се уништија! Два километра од коритото на оваа рекичка се комплетно суви, без капка вода!“, се вели во видео-апелот.

Ваквото уништување на природата при работата на малите хидроцентрали не е изолиран случај. Постојано се објавуваат слики од пресушени корита и пустош околу приватните хидроцентрали, иако сопствениците тврдат дека работат согласно добиените дозволи. Хидроцентралата во Белица е во сопственост на охридската фирма „ВодаВат”, а како сопственик фигурира извесен Спасо Спасовски.