Иран го менува доларот за јуан
Според кинеските и иранските медиуми, Централната банка на Исламската Република Иран сега го наведува јуанот како главната странска девизна валута на земјата, наместо американскиот долар. Вестите доаѓаат во период на зголемени бизнис-трансакции и соработка помеѓу Иран и Кина, додека САД во изминатите две години имплементира политика на “максимален притисок” врз Иран, откако администрацијата на Трамп се повлече од мултилатералниот нуклеарен договор од 2015 (кој тогаш беше потпишан од САД и најголемите европски држави).
Неколку месеци претходно, на 24 јуни 2020 беше потпишана Програмата за 25 годишна соработка помеѓу Иран и Народна Република Кина. Според Договорот, Кина ќе инјектира помеѓу 280 и 400 милијарди долари во иранската индустрија за нафта, гас и петрохемија.
На почетокот на годинава, Иран најави и сопствена дигитална валута за употреба при трансакции за нафта, а која има за цел одбегнување на системот СВИФТ (SWIFT) за меѓународни трансфери и уплати, преку кој САД ги контролира глобалните финансиски трансакции. Сега неколку големи банки во Иран развиваат златни енкриптирани дигитални валути наречени ПејМон, а досега се издадени 1000 дозволи за крипторударство. Домашните трговци ја користат криптовалутата за да ги заобиколат американските банки.
Централната банка на Иран исто така воспостави и Истражувачки центар за Blockchain, за да развие дигитална валута заснована на нивната валута. За оваа цел на 1 октомври беше отворен и огромен 5Г дата-центар, преку кој државата ќе ја намали зависноста од глобални сервери за критични интернет услуги.
Истовремено, за да го намали ударот од санкциите на САД, Иран започна со различни планови за диференцирање на економијата од нејзината зависност од нафтата. Поради ова беше променета и тактиката за извозот на сирова нафта и финансиската интеракција со купувачите на иранска нафта.