Конфликтот во Нагорно Карабах низ историјата и денес

Анализа на Александар Симонов – Магистар по меѓународни односи на СПБГУ

  • Историја на конфликтот

Република Арцах или Нагорно Карабах е непризнена држава формирана како резултат од распадот на СССР, граничи со Ерменија, Азербејџан и Иран. Во древноста, оваа област е една од провинциите на историската Ерменија. После расцепот на Велика Ерменија во 387 година, Арцах станува дел од Источно Ерменското Царство кое набргу било завладеано од страна на Персија. За време на арапските походи Арцах бил управуван од ерменските власти. Од  IX до XI век Арцах е дел од Ерменското царство управувано од Багратидите, а во XII и XIII дел од Ерменското царство управувано од Захаридите. Наредниот период Арцах повторно потпаѓа под Персиска (Сафевидска династија) власт, зачувувајки свој автономен статус. Автономната област била управувана од ерменските наследни кнезови кои успеале да го сочуваат фактичкиот суверенитет (целосна внатрешна независност, судски и даночен систем, право на сопствена армија).

Независно од соседството со исламски држави и пробивањето на турските племиња на оваа територија, почнувајки од XI век во Арцах доминантното население останува ерменското. Демографската карта се менува некаде во средината на XVII век со пробивањето на исламските номадски заедници на оваа територија, што довело до судри помеѓу нив и староседелците. Во резултат на овие случувања регионот го добива името Карабах.

Во текот на XVIII-ти век, користејќи ги внатрешните конфликти Пан Али Хан (од турската династија Џеваншири) со своите сили навлегува во оваа територија и заедно со месниот ерменски кнез Пахназар ја основаат тврдината Шуша. По нејзиното создавање, Пан Али Хан го прогласува Карабах за ханство, а себе се прогласува за Хан. Негова наредна цел е распространување на својата власт на целата територија на Карабах. Од тој момент започнува војната со ерменските Мелики.

Како резултат на војните во кавкаскиот регион 1804-1813, целиот овој регион влегува во составот на Руската Империја, по што овој конфликт е потиснат. Таков останува статусот до почетокот на Првата светска војна, кога одново започнуваат конфликтите и создавањето на современите Ерменија и Азербејџан. Еден од поголемите конфликти се случува токму во Март 1920 година. Азербејџанските сили навлегуваат на Карабах, а Шуша е целосно запален, додека ерменското население целосно протерано. Заради овие дејствија меѓународната заедница се вмешува во конфликтот. 1 Декември 1920 Лигата на Нации реагира на територијалните претензии на Азербејџан. Тогашната позиција која ја зазема Лига на Нации е неможност на Азербејџан да стане членка, а Нагорно Карабах (НКР) добива статус на спорна територија до конечното регулирање на ова прашање. Со ова се согласиле страните вовлечени во конфликтот и од тој момент Азербејџан нема никаков суверенитет на територијата на НКР.

Април 1920 година Азербејџан добива статус на Сојузна Република во Советскиот Сојуз, а Карабах останува спорна територија, овој пат во рамките на СССР. Со прогласувањето на Советската власт во Ерменија, владата на Советски Азербејџан објавува прекратување на територијалните спорови со Ерменија и го признава НКР како составен дел од Советска Ерменија.

Азербејџанскиот комесар при поддршка на народниот комесар за националните работи и Јосиф Виссарионович повторно го активираат ова прашање во рамките на дискусиите за определување на внатрешните граници на Републиките во задкавкаскиот регион. Во тој период  се предложени неколку решенија, кои подоцна во резултат на преговори и дискусија претрпуваат неколку промени за на крај 5 Јули 1921 г. Пленумот на Каф. Бирото на ЦК одлучува НКР да влезе во границите на Советски Азербејџан, добивајки широка областна автономија. После ваквото решение се појавуваат неколку помали внатрешни проблеми, но во ниту еден момент нема ескалација на конфликтот. Зошто е тоа така?

Конфликтот  помеѓу овие два народи не е само територијален, туку длабоко во себе носи религиозен карактер. Месијанската природа која ја носат двете религиозни заедници само го усложнуваат целиот проблем. За разлика од времето на управување на Руската Империја кога овој конфликт е потиснат како резултат на „сила одозгора“, во Советскиот Сојуз решението е донесено во правец на „дружба на народите“. Одлучено е НКР да влезе во границите на Советски Азербејџан добивајки посебен статус и висока автономија.

Истиснувајки го религиозниот фактор кој е основна причина за разликите и донесувањето територијални решенија кои овозможуваат мешање на народите за надминување на разликите, согласно социјалистичката идеологија, се гледа како единствено решение. Имено, решението е вакво бидејќи е оценето дека азербејџанската  страна нема да се смири додека не биде територијално задоволена, додека пак ерменската страна во ваквите конфликти најчесто влегува со цел одбрана на своето население и, од тука, добивањето широка автономија и го гарантира тоа. Патем, веќе во својата историја има такво искуство и може да се помири со таквата разврска. Ова решение овозможува решавање на конфликтот за целиот период на социјалистичкото управување, иако меѓувремено произлегуваат бројни обвинувања од двете страни за дискриминаторско однесување, непочитување на договорите, проблеми со употребата на јазиците, во образованието, како и бројни демографски промени (се намалува бројот на Ерменци, а зголемува бројот на Азербејџанци кои живеат во овој регион). Сепак, во ниту еден момент ситуацијата не ескалира, а поголеми судири воопшто и не постојат. Прашањето одново станува актуелно подоцна во периодот на распадот на Советскиот Сојуз (официјално војната е во периодот од 1988 г. до 1994 г.) а двете страни имаат различни видувања на конфликтот.

  • Причини за војната – Ерменски ставови

Карабахскиот конфликт корените ги влече уште од револуцијата во Руската Империја кога Kавкаскиот регион прогласил независност, но набргу потоа Kавкаската република се разделила на три држави. Азербејџан демонстрирал отворени територијални претензии кон териториите на НКР каде историски живеело мнозинско ерменско население. Соодветно на тоа, kарабахските Eрменци се спротивставиле на азербејџанските напади и организирале одреди за самоодбрана. Азербејџанската армија вршела жестоки напади на ерменското населениe, а дополнителна помош добивале од Турција и Британија, двете страни поддржувале происламска позиција, особено Турција. Конечната судбина на НКР ја определил Советскиот Сојуз во дваесеттите години, Азербејџан успеал да ги наметне неговите интереси и заради тоа територијата на НКР е распределена во неговите граници. 

  • Причини за војната – Азербејџански ставови

Tериторијата на НКР вештачки почнала да се одделува уште за владеењето на Руската Империја и подоцна за време на управувањето на Советскиот Сојуз. Според нив, Карабахското Ханство било освоено од страна на Руската Империја во 1822 г. кога на територијата доминирало население од исламска вероисповед. Во корелација со анти-исламската политика на Руската Имерија, мноштвото муслимани се иселувале од таа територија, барајќи прибежиште во соседните исламски држави. Истовремено, на оваа територија биле доселувани Ермени. Како резултат на тоа, после ослабувањето на Руската Империја, започнал терор врз исламското население од страна на Ермените. Поради ова Азербејџан направил сопствена армија која ќе го штити исламското население во НКР. Така и започнал конфликтот.

  • Почеток на војната – Ерменски ставови

Со почетокот на преструктуирањето во Советскиот Сојуз, историјата фактички се повторила, ерменското мнозинство одново почнало да го штити правото на независност и поднела барање до Врховниот Совет на Советскиот Сојуз. Периодот во кој се одвива овој процес бил проследен со зголемување на азербејџанскиот национализам актуелизирајќи го прашањето за Карабах, при што одново започнала агресија кон ерменското население. Советската власт ги поддржува позициите на Азербејџан. Ваквите случувања ги натерале карабахските Ерменци да ја засилат борбата за независност и заради тоа во периодот на распадот на СССР бил спроведен референдум на кој 99% од населението изгласале за создавање на Нагорно Карабахска Република. Но, народната волја не била испочитувана од азербејџанската власт и заради тоа во Карабах навлегла азербејџанска војска која завршила со големи крвопролевања.

  • Почеток на војната – Азербејџански ставови

Со почетокот на реформите и преструктурацијата во Советскиот Сојуз, започнал растот на националистичките сили. Дел од овој процес била Ерменија која го поттикнувала ерменското население на востанија во регионот. Така започнале нападите врз Азербејџанците кои живеат на ерменска територија, продолжувајки ги операциите на територијата на Карабах. Ова било причина за иселување на Азербејџанците. Што се однесува до референдумот, според нив тој немал никакви норми и заради тоа не е признаен од ниту една држава во светот. Ваквата ситуација ги принудило Азербејџанците да воведуваат поредок кон сепаратистичките организации. Тие не ја негираат помошта, пред се, од Турција, но и од Британија, но велат дека таа е незначителна.

  • Учесници во конфликтот – Ерменски ставови

Официјална Ерменија не учествувала во конфликтот, иако ги помагала ерменските воени девизии на оваа територија. Карабахските Ерменци самостојно се бореле за својата независност против азербејџанските окупатори. Според нив, за време на операциите Азербејџан користи голем број на платеници, но и исламски радикали најчесто од Авганистан и Русија (за водач на исламските радикали од Русија го обвинуваат Шамиљ Басаев).

  • Учесници во конфликтот – Азербејџански ставови

Ерменската армија има целосно учество во воените операции и дирекно ги помагала сепаратистичките движења на Карабах. Освен тоа, ерменската страна тивко била поддржувана од Русија која ги обезбедувала со оружје. Благодарение на оваа поддршка, НКР можело да се спротивстави на азербејџанската армија и без ваквата помош веројатно конфликт и немало да постои.

  • Резултати од конфликтот – Ерменски ставови

Карабахските Ерменци го победиле Азербејџан во овие конфликти, притоа имајќи многу помала армија. Така Ерменците успеале да се изборат за независноста на ерменскиот народ и создале своја независна Република Нагорно Карабах. Освен тоа, успеале да навлезат и во дел од териториите управувани од Азербејџан. По крајот на конфликтот, Азербејџан изгубил околу 20% проценти од својата територија. Заради жестокоста на азербејџанската армија, од НКР десеттици илјади луѓе биле принудени да ја напуштат територијата. Заради вршење на притисок кон меѓународната заедница, Азербејџан не сакал да ги пропушти своите бегалци на сопствена територија.

  • Резултати од конфликтот – Азербејџански ставови

Независно од губењето на контролата во регионот, азербејџанската армија успеала да се спротивстави на ерменските напади. После конфликтот во Ерменија започнала сериозна економска криза, Турција и Азербејџан објавиле целосна блокада и заради тоа во Ерменија се појавила опасност од гладување. Електрична енергија имало само неколку часа на ден. Република Нагорно Карабах не била признаена во светот и до денес не се смета за дел од нивната територија.

  • Улогата на Организацијата на Обединети Нации за време на конфликтот во НКР

Советот за Безбедност на ООН започнувајќи во Април 1993 г. донесe четири резолуции кои се однесуваат на НКР.  Првото и главно барање беше итно прекинување на огнот, сите воени дејствија и непријателски акти! Ова барање се пресликува во секоја од резолуциите, но најчесто било нарушувано од страна на Азербејџан и во целост не се исполнети до денешен ден. ,,Неисполнувањето како на основните, така и на другите барања од Советот за Безбедност на ООН од страна на Азербејџан, неговото влегување во насилно решавање на конфликтот, отсуството на желба за гаранција на мирот и постојаната опасност од започнување на нова војна доведуваат до нарушување и девалвација не резолуциите“ – стои во едно од соопштенијата.

12 Мај 1994 година на сила стапи договорот за прекин на огнот и воените дејствија потпишан од Нагорно Карабахската Република, Азербејџанската Република и Република Ерменија при посредништво на Руската Федерација. Во овој договор е утврдено временото примирје, како и неговото продолжување. После неколу месеци воените лидери од трите страни ги преземаа обврските за прекинување на огнот до моментот на донесување на ,,Голем Политички Договор“.  Февруари 1995 г. под менторство на ОБСЕ е потпишано тристран договор за зачувување на мирот и стабилноста. Овие договори се единствено достигнување кое е актуелно до денешен ден.  

  • Улогата на религиозните заедници

Иницијативата за спојување на верските лидери ја започна Руската Православна Црква. Во Јануари 1993 г. се случи првата индивидуална средба помеѓу Патријархот Алексеј Втори и Патријархот-Котоликос на сите Ерменци Вазген Први. Иницијативата беше продолжена во февруари и претставена пред Светскиот Црковен Совет, каде наиде на поддршка од страна на Генералниот Секретар Д-р Конрад Рајзер. После ова, организирана е средба помеѓу Патријархот Алексеј Втори и Шејк ул-ислам Аллахушуќур Пашазаде (верски поглавар на кафкаските муслимани). Целта на овие две средби беше спојување на верските лидери на двете страни со цел намалување на тензиите. Тоа се случи во Москва 1995 г. каде се одржа првата трилатерална средба. Средбата резултираше со заклучок дека овој конфликт нема никакво религиозно значење и дека е целосно политички. Верските лидери изразија разбирање и сочувство кон другата страна, земајќи обврска да ги примират религиозните фанатици во своите држави. 

  • Што се случува денес во Нагорно Карабах? 

На 27 Септември 2020 година, Баку објави интензивно гранатирање од страна на азербејџанската армија врз позициите на Ерменија во регионот на НКР. За возврат, Ереван информираше за офанзивата на азербејџанските вооружени сили во насока на НКР и гранатирање на населени места на непризнатата република, вклучувајќи го и нејзиниот административен центар Степанакерт. Двете земји прогласија воена состојба и најавија мобилизација на резервисти.

  • Кому и зошто е потребен овој конфликт?

Најчесто зад конфликтите кои се случуваат на Блискиот Исток стои поддршка, менторство или управување од страна на големите сили. Набљудувајки го нивното однесување во овој момент се чини дека тие немаат такво доминантно дејство. Во историјата, овој регион влегува во сфера на влијанија и е судир на интереси пред се водени од империјалистичките цели на Турција и Русија. Досегашните искуства укажуваа на отворена помош на Турција кон Азербејџан (што е видно и по изјавите на Ердоган) и основаните обвиненија на пренесувањето на воени трупи од северот на Сирија во овој Регион. Позицијата на Турција и во овој момент е целосно јасна. Многу поспецифична е улогата на Русија за која се чини дека премолчно и тивко ја подржуваше Ерменија во минатото.

Во меѓувреме, Ерменија станува се поблиска до западните политики, а нејзините кредитирања речиси целосно се свртеа на Запад. Во ваква ситуација, улогата на Русија беше директно намалена, а се отвара прашањето какви ќе бидат односите помеѓу овие две земји во овој момент. Имено, Русија своето влијание во регионот го одржуваше преку неутралните политики кон двете земји и тивката подршка кон Ерменија. Но, бидејќи ваквата ситуација трпи промени, останува да се проследи развојот на настаните: дали Ерменија ќе побара отворена поддршка од Русија, овозможувајки им да останат силен фактор во регионот или, во случај да не ја добијат посакуваната поддршка, ќе се свртат целосно кон Запад. Иако засега САД не изгледаат силно инволвирано во конфликтот, туку конфликтот изгледа „покажување заби“ на Ердоган и кон едните и кон другите, сепак, отворена е можноста империјалистичките политики на САД најмногу да профитираат, намалувајќи го или отстранувајќи го традиционалното големо руско влијание во регионот. 

Во моментов нема јасна слика за ставовите на Вашингтон и Москва, но повеќе од јасно е дека и едните и другите ќе се обидат да наметнат некакво свое влијание. Останува да се проследат дискусиите во Советот за Безбедност и да се почекаат официјални документи, како од ООН, така и од официјална Москва и Вашингтон. Важно е да се напомене дека нивните одлуки можат интензивно да вклучат и други држави во конфликтот, а не смее да биде заборавена и можноста за дестабилизација на Грузија. Во резултат на претходните воени дејствија најголем дел од бегалците преминаа на територијата на Грузија. Денес и едната и другата страна има развиена силна дијаспора во Грузија, реална опасност од тамошен конфликт денес постои!   

Независно од обидите на религиозните заедници да имаат улога на смирувачи, се чини дека ситуацијата се движи по стапките од старите историски лекции. Религијата и овој пат се користи како алатка која ги мотивира воените службеници за уште пожестоко влегување во конфликтот! Но, зад овие историско-религиозни претстави всушност стои целосна експлоататорска цел од двете страни. Имено, според Извештајот на Геолошкиот фонд на Азербејџан до Владата на републиката, во Мај 1968 година, во НКР и соседните региони ги има следниве резерви (во тони): злато – 1250, сребро – 4550, бакар – 1,84 милиони, олово – 660 илјади , цинк – 775 илјади, кобалт – 150 илјади, хром – 2,25 милиони, а земајќи ги предвид мешаните наслаги – 3,5 милиони. Беа забележани и значителни наслаги на боксит – до 120 милиони тони со висока содржина на главната суровина (над 40%).

Покрај тоа, во НКР и соседните региони се кријат големи нафтени површини. Според експертите од Ереван, веројатноста за нејзини значајни резерви од индустриско значење во НКР е многу поголема отколку во Ерменија. Постојат места каде нафтата излегува на површина, иако тоа сè уште не укажува на можноста за комерцијално производство. Според многу експертски проценки, предвидените резерви на црно злато во покраината, како и  јаглеводороди, можат да достигнат до 250-300 милиони тони. Повеќето од овие ресурси беа истражени помеѓу 50-тите и 70-тите години. Депозитите се расфрлани и во самото НКР и во соседните региони. Според Универзитетот на Џон Хопкинс (податоци од раните 2000-ти), во долината Аракс, чиј дел се протега на југот на НКР, има три полиња со јаглеводороди со вкупни резерви од најмалку 150 милиони тони нафта и до 250 милијарди кубни метри гас. Во истиот регион се познати седум таканаречени локални стапици, каде што се концентрирани два до пет милиони тони нафта и 10-20 милијарди кубни метри гас.

Ваквите податоци укажуваат на тоа дека некакиви други цели (се чини материјално-капиталистички) имаат поголемо значење од историско-религиозните или духовните. Објавувањето на нападот од страна на водителката на националната ерменска телевизија беше низ солзи, додека водителката на Азербејџанската национална телевизија зборуваше во радост и воодушевување тврдејќи дека се ослободени одредени окупирани територии. Како ова ќе се одрази на јавното мислење и колку „позитивно“ ќе делува на поддршката за воени дејствија останува да видиме. Надигрувањето на империјалистичките моќници во овој регион се чини дека допрва започнува. Но, на крај само едно е сигурно, најголема жртва повторно ќе биде најсиромашното месно население, кое никогаш, ама баш никогаш нема да почувствуваат полза од скриените материјални добра на почвата каде што тоа живее.