Промоција на монографијата „Знам за еден град крај езеро” од Коста Хиохи
Денес во Струга, со почеток од 17 часот, ќе се одржи промоција на монографијата „Знам за еден град крај езеро”, кое претставува спортско Евангелие на струшкото навивање, како што најави авторот на делото – Коста Хиохи. Настанот ќе се одржи на летната сцена при Центар за култура „Браќа Миладиновци” и на истиот ќе се обратат авторот на монографијата, како и рецезентите на книгата – Никола Кукунеш и проф. д-р Лиза Пантековска.
Книгата претставува ризница на слики, спомени и личности од историјата на спортот во Струга и навивачките групи како негов верен сопатник, настани за карчовци и паткари поминати на трибините на ФК Караорман и „Нико Нестор”. Тука се евидентирани и зачувани од заборав спомените од раните спортски успеси на градот, искуствата на навивачите низ различна генерациска призма, како и паралелата во пристапот кон спортот во едно поинакво државно уредување наспроти денешното.
Како што пишува проф. Пантековска во самото дело: „Авторот создал повеќе од само сведоштво за спортското навивање. Тој создал паметник за животот во Струга што недостасува и паметник за струшките спортски јунаци што нескриено градот посакува и понатаму да ги има. Воедно, искрено се надевам дека овој макотрпен труд на авторот ќе значи поттик за спортско воздигнување на градот, зошто Струга е љубов и заслужува магија.”
Коста Хиохи е роден во Струга каде живее и работи. Уште од најрана возраст пристапува на тогашниот ДВСР „Црн Дрим” и како кајакар бележи видни резултати. Неколку години со ред бил национален првак, а исто така учествувал на европско и светско првенство. Во 2001 година е избран за „Спортист на годината” за град Струга. Веќе 14 години работи како професор по спорт и спортски активности во Јахја Кемал Колеџ и професионално е ангажиран во неколку спортски колективи во Струга и Охрид. Како што пишува самиот во својата книга, и покрај очајната состојба на која е препуштен спортот и спортскиот живот денес, најважна е борбата и поддршката. И струшките спортисти секогаш ќе ја имаат олицетворена во верната публика – стружаните и паткарите.