Антикорупциска ќе го спасува Муслиу со нов Закон

Антикорупциската комисија ќе покрене иницијатива за донесување нов закон за Агенција за разузнавање, нови подзаконски акти за уредување на сите прашања за вработување, унапредување, мобилност преку оценување, распоредување или преземање.

Ова го најави претседателката на Антикорупциска комисија, Билјана Ивановска на денешната прес-конференција, при што дополна дека со тоа се запира постапката по предметот по неколку пријави поднесени за директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу. Ваквата најава на главната антикорупционерка е во најмала рака спорна, со оглед на фактот што останува неразјаснато за јавноста дали директорот на Агенцијата за разузнавање го прекршил постоечкиот Закон за Агенција за разузнавање, иако повеќе од една година пријавата е доставена до Антикорупциска комисија.


Во еден од приговорите е наведено дека Муслиу, спротивно на Законот за спречување на корупција, го вработил лицето Васко Шутаров кој претходно бил ангажиран во невладината организација „Нексус”, каде извршна директорка е токму неговата сопруга – Афродита Муслиу.


Изминатиот месец реагираа и од политичката партија Левица дека цела година Антикорупциската комисија одбива да отвори предмет против директорот на Агенцијата за разузнавање – Еролд Муслиу, иако до институцијата се доставени три приговори за постоење судир на интереси во работата на Агенцијата. Тогаш од Левица обвинија дека „непостапувањето за прекршувања на законите од страна на највисок функционер на институција е јасен доказ дека и оваа Комисија е узурпирана од интересите на власта и претставува продолжена рака за штитење на нејзините криминали, без никакви санкции за сторителите.”