Работнички протест во Крива Паланка

Вчера, на 1 февруари, започна штрајкот на работниците од текстилната фабрика „Веибо груп“. Работниците биле одјавени вчера без никакво предупредување и иако си ја завршиле својата работа и сработен е целиот материјал во фабриката нив не им се исплатени последните 3 плати заедно со придонеси за пензиско и здравствено осигурување, регрес, к-15 а кажуваат и дека биле приморувани, под закана, да работат по 10 часа во денот. Тие обвинија дека и додека се исплаќало плата, нормите биле превисоки и никој од работниците не го земал државниот минимум од 12000 денари.

На штрајкот излегоа повеќе од стотина работници и покажаа голем степен на работничка солидарност. Иако немаат искуство со вакви постапки, тие заедно се организираа за понатамошното делување, покренување правни акции и спроведување блокади, како за почеток. Од работниците имаше ужаснувачки сведоштва за диктатура на работното место, до тој степен што една помлада работничка кажа дека шефот на смена, Ацо Стојановски (кој патем не е на платен список), и нудел повисока плата, „дури“ 14 000 денари, ако се согласи да му биде снаа.

Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, се појави на кратко на протестот и ги замоли работниците да бидат „примерни“ и да не ги блокираат улиците. Тој се изема себеси од одговорност и таа ја префрли кон минатата власт, централна и локална, нешто кое стана стандардна пракса на моменталната власт на коалицијата СДСМ-ДУИ. Не вети ништо освен тоа дека тој ќе иницирал надлежните институции да реагираат и вети нови инвестиции. Се ова беше веќе видено и веќе чуено за работниците, па во голема мера беше видливо дека не очекуваат многу од него. Еден од отпуштените во фабриката, поранешен надгледувач и администратор во погонот, по приватна средба со градоначалникот тој, како и градоначалникот, проба да ги убеди работниците да прекинат со блокадата.

Работниците беа окуражени од присуството и логистичко-моралната подршка на активистите на здружението „Гласен Текстилец“ и партијата Левица. Тие разговараа со работниците за нивните проблеми , нивните права и како може да понудат, колку што можат, помош.

На кратко се појави и локаниот инспектор од Трудов Инспекторат, Ненад Ѓоргиевски. Тој се правдаше дека за се постапил и дека се превземаат мерки а не сакаше да навлезе во детали што точно значат тие излитени фрази конкретно. Обвини дека не е точно тврдењето на работниците за работење прекувремено до 10 часа дневно и работа за викенди. Исто така, не објасни зошто не постапил за тоа што посведочил за работење без договор на дело. Работниците не беа изненадени од неговите постапки бидејќи и сами сведочеле како си заминува од фабриката со „подароци“ од газдите, како јакни, капути и слично.

 

 

Протестот продолжува и денес со блокада на главната крстосница на магистралниот пат кој поминува низ Крива Паланка.