Американските санкции врз Сирија му штетат на народот и ги уништуваат обидите за пост-воена реконструкција

Во јуни годинава САД ги воведе досега најтешките санкции врз Сирија, за кои од Обединетите нации предупредија дека можат да предизвикаат “масовно гладување и уште еден масовен егзодус”. Законот за санкции на САД отворено кажува дека има за цел да ја спречи реконструкцијата на областите кои се под воена контрола на сириската влада, а каде живеат повеќето Сиријци. 

“Санкциите дополнително го измачуваат сирискиот народ, спречувајќи ги напорите за пост-воена реконструкција и загушувајќи ја економијата која го одржува во живот очајното население на Сирија. Ова се случува за време на растечка хуманитарна и здравствена криза”, се вели во текстот Бесмислената суровост на новите санкции на Трамп во Сирија  објавен за Foreign Affairs. 

На почетокот на годината Генералниот секретар на ООН, повика на прекин на санкциите бидејќи истите го нарушуваат капацитетот на земјата да обезбеди пристап до храна, неопходни здравствени материјали и медицинска поддршка за да се справи со корона вирусот.

Повеќе од половина од генераторите за струја во Сирија беа оштетени или уништени за време на војната. Денес повеќето од луѓето имаат струја по 2-3 часа на ден, што тешко ги погодува домаќинствата, болниците, училиштата и бизниците кои се обидуваат да се вратат во нормала. Поради санкциите, Сирија не може да купи генератори од соседните држави. Нивните банкарски сметки ќе бидат блокирани, бидејќи САД може да го смрзне SWIFT кодот (меѓународниот број за насочување на пари) на секој кој се обидува да тргува со Сирија. Постои цела армија на луѓе кои седат во Вашингтон и чија единствена работа е да следи и да ги смрзнува сметките на бизнисите кои соработуваат со Сирија. На тој начин ја смрзнуваат економијата на државата.

Покрај ова, Сирија е погодена и поради неодамнешната експлозија на пристаништето во Бејрут, од каде пристигнуваше голем дел од хуманитарната помош за Сирија. Пристаништата во Сирија се означени како терористички организации. Затоа, никој не може да влезе и излезе од овие пристаништа без да ризикувa запленување или санкционирање од САД. Покрај ова, САД го блокираа и главниот автопат помеѓу Дамаск и Ирак, кој е важен трговски партнер.