АктуелноЛокално

Спортските успеси повторно во сенка на политичките превирања во Боречката федерација

  • Реакција на Левица – Сектор спорт

Изминатите денови актуелна тема беше успехот на натурализираниот македонски репрезентативец во борење, Владимир Егоров, кој на европското првенство во Будимпешта го освои златниот медал. Ова е голем успех за македонскиот спорт и воопшто борењето како спортска дисциплина, но ваквите големи успеси паѓаат во сенка кога политиката ќе го надвладее чистиот спортски дух.

Таков е примерот со боречкиот клуб „Олимпија“ од Штип, чии спортисти и членови се дискриминирани и оставени подолг период без дозвола за натпреварување во домашното првенство. Тие ни се обратија со поплака поради третманот на Боречката федерација на Македонија (БФМ) кон нив. Причините за ваквиот однос од страна на БФМ се нејасни, но кога пирамидално ќе се поврзат релациите помеѓу челниците на федерацијата и клубовите, работите стануваат појасни. Имено, на некого му пречи постоењето и успесите на боречкиот клуб „Олимпија“ и по секоја цена се оди кон уништување и распад на истиот. Според она што тие ни го кажаа, сметаат дека нивниот боречки клуб „Олимпија“ претставува директна конкуренција и ривал на БК „Балканец“, па без оправдана причина е исклучен од Боречка федерација на Македонија.

Целата одисеја почнува во јануари 2019 година, кога на еден натпревар во рамките на изборно државно првенство во борење, во салата на СОУ „Зефљуш Марку“ во Скопје, на натпревар помеѓу боречкиот клуб „Олимпија“ од Штип и боречкиот клуб „Илирија“ од Скопје, од страна на поголема група навивачи, по претходно сценарио, биле нападнати тренерите на боречкиот клуб „Олимпија“. Иако има полициски записник од инцидентот и судска пресуда која е во корист на БК „Олимпија“, сепак Федерацијата одлучува да го казни овој клуб и да го исклучи од сите натпревари организирани од Боречката федерација.

Вака, според она што тие ни го доловија, изгледа пирамидата, вон официјалните полициски извештаи и судски пресуди:

Браќата Дејан и Виктор Богданови се поранешни репрезентативци во борење на БК „Балканец“ од Штип. Во моментов, Дејан Богданов е актуелен претседател на Боречка федерација на Македонија, а неговиот брат Виктор е тренер на БК „Балканец“ од Штип. И двајцата се во многу блиски релации со актуелниот министер за Транспорт и врски – Благој Бочварски, исто така од Штип. И двајцата (браќата Богданови) се лица врз кои е пресудена условна казна за сторено кривично дело. Додека се на издржување на условната казна во траење од една година, Дејан Богданов е назначен за Претседател на БФМ. Нивниот интерес за угаснување на БК „Олимпија“ е останувањето на БК „Балканец“ како единствен боречки клуб во Штип, а со тоа сите финансии кои се доделуваат од страна на Општина Штип и Агенција за млади и спорт (АМС) би биле наменети исклучиво за БК „Балканец“.

Од друга страна, БК „Олимпија“, поради исклучувањето од регистарот на БФМ, во последните четири години немаат земано финансиска поддршка ниту од Општина Штип, ниту од АМС, а сепак имаат членови и постигнуваат меѓународни успеси.

Политичката пајажина е многу цврста помеѓу директорот на АМС, Наумче Мојсоски, претседателот на БФМ, Богданов и Бочварски, потоа членови на Управниот одбор на Федерацијата, селекторот на БФМ, Бобан Данов – сите се блиски луѓе до Богданови и сите заедно се согласни БК „Олимпија“ да исчезне воопшто како клуб.

Од друга страна, тие истакнаа и дека Трајче Димков (поранешен борач на „Балканец“ и поранешен пратеник од ВМРО – ДПМНЕ во два мандати) е исто така во игра со Богданови и заедно ја плетат мрежата СДСМ-ВМРО-ДПМНЕ. Се сомневаат дека е поради тоа што во прашање се голема сума пари кои се доделува за овој клуб (1.700.000 денари).

Поради сето ова, преку нечесните игри, децата од БК „Олимпија“ немаат ниту еден натпревар во изминатите две години. Лицемерие е величењето од стана на БФМ на успехот на Егоров, додека истата, тенденциозно работи да ги задуши домашните боречки клубови кои произведуваат наши репрезентативни борачи.

БК „Олимпија“, вчера излегоа на мирен протест против ваквите неправди за кои сметаат дека им се направени од Боречката федерација. Како што истакнаа од клубот, сметаат дека „Олимпија“ е суспендирана без да се земат предвид сите факти и аргументи и покрај тоа што има судска пресуда во нивна корист. Затоа, по сите испратени барања и преземени правни механизми, но и разговорите со членовите на Македонскиот Олимпискиот Комитет (МОК) во врска со неоснованата дискриминација, велат дека се приморани да ја преземат последната непопуларна мерка, односно протест. Членовите на БК „Олимпија“ бараат поголема поддршка од сите со цел правдата да биде задоволена и тие да бидат достојни репрезенти на градот и државата.

Левица се залага за еднаков третман на сите спортисти, секогаш со приоритет на младите деца кои максимално се вложуваат во било кој спорт, без притоа децата и генерално спортистите, секогаш да бидат колатерална штета на несогласувањата меѓу челниците на клубовите, федерации, АМС или било кои други спортски институции кои треба да се грижат за тоа, ваквите случаи да не се повторуваат. Кај нас, за жал, ова е редовна пракса во секоја федерација, не е исклучок. Ние и понатаму ќе се бориме на страната на спортистите. Успехот мора да се вреднува и наградува, а не да се деградира за лични (партиски) интереси и профит.