Апасиев: Ако сакате да уништите една нација, започнете со образованието – Вие тоа на дело го практицирате!

На собраниската седница за измените на Законите за основно и средно образование, се обрати и пратеникот Димитар Апасиев, лидер на Левица. Тој образложи дека пратениците на Левица ќе гласаат воздржано за да покажат пркос кон несериозниот пристап на Министерството кон образованието како клучен ресор. Воедно и ја потсети Министерката Царовска, дека нејзиното Министерство и Владата преку уништувањето на образованието ја уништуваат и нацијата.  

Пренесуваме неколку главни точки од неговото излагање кое во главно беше насочено кон министерката за образование, Мила Царовска:


Сериозноста на темата е во тоа што 40,000 според ваши зборови, а според наши проценки и повеќе дечиња во основно образование немаат елементарни услови да учат. Тоа значи дека се без компјутер и без интернет. Фрапантно е тоа што за спроведување на Законот не се предивидуваат фискални импликации. Тоа е поразително за нас како општество;

Со вакви предлози се маргинализираат и класно се сегрегираат учениците, покрај тоа што етнички ги сегрегираме, односно сме апартхејд држава. Во вашиот кусоглед светоглед вие не можете да забележите дека децата македончиња и децата албанчиња на англиски си прават муабет, бидејќи македонскиот јазик не се изучува од прво одделение од страна на сите ученици;

Во држава која даде 40 илјади долари годишно и 150 илјади евра или долари годишно на ќерката на Димитров и синот на Локвенец, да кажете дека немате пари да обезбедите пари за еден таблет од 50 евра за секој ученик, е пораз за вас како човек, а потоа и како Министер; 

За што немавте време? За да ги возите моторите? Да одите во Преспа? Или немавте време да ги наместите тендерите? За што немавте време? Што сте чекале до сега за да го поднесете овој предлог за да не оди во вака најитна процедура. Ние сме последна земја која стартува, бидејќи немаме компас, не знаеме кај одиме;

Ја слушам Министеркава во едно интервју вика “ама виновна е стратегијата” – која е таа страгегија? Дај да ја фатиме да ја истегнеме за уши стратегијава. Не не, виновен е човек со име и презиме. Тоа е вашиот претходник, Арбен Адеми, кажете го по име и презиме;

Но таква и е ѕвездата на оваа Министерка, каде да оди да го покрива бербатот на ДУИ. Дојде во Труд и Социјала, го откри криминалот па после ретерираше, немало криминал. Не, имало криминал. Има имиња и презимиња, само политичката коректност и вашата коалиција во тие односи кои ги гаите не ви дава за право, или па ве истегнале за уши па сте ретерирале;

Поразително е тоа што една третина од нашето население, оние кои имаат деца, се сиромашни, значи една половина од нивните родители се со приход под просечниот. Тоа значи дека се на минималец. Во услови кога 250 евра земаат, 200 евра плаќаат за сметки. Имаме најмал коефициент на животно задоволство и среќа; 

Во Македонија 20% од најбогатите земаат 40% од приходите. 20% од најсиромашните кои директно ги погаѓа овој закон земаат само 5%. Критериуми по коишто се оценува степенот на сиромаштија се: греење, реновирање, нова облека да си купите, да одите на годишен одмор, да имате месен оброк 3 пати во неделата и да имате пари за семејна веселба (родендени, крштевки и слично). По статистика, 3 од овие 6 македонските граѓани ги немаат; 

Ова е последица на сите неолиберални политики кои сите Влади досега ги водеа. Употребата на јавните услуги станаа зависна од куповната моќ. Она што е задолжително го направивте клупско добро. Ако немаш уплатница ќе бидеш исфрлен. Ако нема детето уплатница, нема да јаде на голем одмор. Тоа е срамота за нас како општество;

Социјалата оди рака под рака со образованието. Степенот на образование е обратно пропорционален од појавата на сиромаштија. Колку пообразовано население имате, се намалува по автоматизам степенот на сиромаштија. Меѓутоа, вие со класно сегрегирачкиот пристап работите на зголемување на сиромаштијата;

За родителите викаат дека се враќаат на работа, дури и оние хронично болните. Децата од 6-10 години треба да имаат настава во тоа време. Под чиј надзор ќе ја имаат? Не сме сите милионери госпоѓо Министерке за да плаќаме дадилки од 300 евра; 

Каде се тука самохраните родители? Каде е институционалната поддршка? Предлагате лек како рицино, за сите болести. Не можете така да функционирате;

Децата со посебни потреби се тотално заборавени од системот. Еве едно прашање кое ми го прати граѓанин: “Кој ќе ги плаќа трошоците за тестирање во ситуација некое дете да заболи?” Трошоците за корона тестирање кај нас се најскапи, државните се 4 до 5000 а приватните се по 200 евра. Замислете ако треба два теста да направите, а сте на минималец.

Обраќање на Димитар Апасиев по повод измените на законите за основно и средно образование

„Поразително е дека за спроведување на овој закон не се предвидуваат фискални импликации. Ние имаме бесплатни ужини за затворениците, а немаме бесплатна храна за учениците. Во држава која даде 40.000 долари годишно и 150.000 евра на ќерката на Димитров и синот на Локвенец да кажете дека немате пари да обезбедите еден таблет од 50 евра е пораз за вас како човек прво, а потоа како министер." ➡️Денешниот говор на пратеникот Димитар Апасиев на собраниската седница за измените на Законите за основно и средно образование.

Публикувахте от Левица / E majta / Levica в Понеделник, 21 септември 2020 г.