Само за две и пол години Владата потрошила 8 милиони евра за возила – се “офајдил” и братучед на Оливер Спасовски
Во текот на 2018, 2019 и дел од 2020 година, државата потрошила дури 8 милиони евра за набавка и тоа само на патнички возила! Најмногу вакви возила набавила токму владината Служба за општи и заеднички работи, односно дури 46 возила од брендот „Пасат“. Севкупно се набавени 392 возила за најразлични државни институции.
Колку за споредба, од сите они помпезно најавувани обвиненија за функционерите на груевизмот – за кои своевремено СЈО држеше драматични прес-конференции – краен епилог имаше само предметот „Триста“, во кој осуден беше тогашниот помошник-министер Ѓоко Поповски со обвинение дека ја злоупотребил службената должност при набавка на триста патнички возила за МВР. Предметот се однесуваше на 300 набавени возила за потребите на МВР, каде при процесот за спроведување на тендерската постапка не бил избран најповолниот понудувач, туку бил склучен договор кој бил за 450 илјади евра повисок од најповолната понуда на тендерот, а пак целиот случај тежеше 5,3 милиони евра.
Доколку пак сега, во овој скандал на Владата на СДСМ, се работи за дури 8 милиони евра (!?) потрошени јавни пари за набавка на патнички возила, и тоа во време на криза на македонската економија кога стопанството пропаѓа и многумина остануваа без работа. Уште ако се додаде и фактот дека на 70% од тендерите за набавка на овие возила како понудувач се појавува САМО една фирма, станува јасно дека заевизмот е само надградба на груевизмот.
Инаку, фирмата која се појавува како единствен понудувач на сите овие тендери на државните институции е кумановската „Делукс“, која е во сопственост на Бобан Спасовски, роднина на старо-новиот Министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. Оваа фирма и претходно се поврзувала со скандали, со оглед на тоа што истата се јавува како донатор на СДСМ во 2016 година. Дополнително, фирмата на сопругата на Бобан Спасовски беше избрана од општина Куманово за превезување на децата со посебни потреби.
Ова е уште еден показател за тоа како во Владата на Заев се спојуваат бизнисот и политиката преку што се црпат јавните средства за богатење и делење привилегии, како и уживање во луксузот кој им го пружат јавните функции – додека народот мака мачи да обезбеди основни средства за преживување од еден до друг крај на месецот.