Крмов: Македонските чорбаџии секогаш први се пишувале Бугари, Срби или Грци за да си го заштитат богатството
Како што е познато, за првпат во својата историја, Левица влезе во Собранието и тоа со двајца пратеници. Освен претседателот Димитар Апасиев, таму ќе се најде и Борислав Крмов кој, исто така, е активен на социјалните мрежи каде што често објавува статуси кои привлекуваат внимание.
Крмов сподели изјава од Трифун Костовски со наслов: „Тешко ми е за името, но најважно е да имаме европски пазар за мојата банка”, а под нејзе даде коментар во кој што вели:
Не очекувајте домашната олигархија да застане во одбрана на националните интереси. Таа секогаш ќе биде на страната од каде ѝ доаѓа профитот. Во 90-тите сите беа „големи Македонци“ бидејќи приватизацијата уште траеше, во Македонија имаше капитал и нивниот профит зависеше од домашниот пазар.
Денес, кога Македонија економски е изглодана до коска и домашниот пазар е премал, нивните профити зависат од странските пазари и тие се вртат кон надвор. И историски било така, македонските чорбаџии секогаш први се пишувале Бугари, Срби или Грци за да си го заштитат богатството, а рајата била оставана сама.
Секоја партија која е базирана на буржоаски капитал (а такви се сите во Македонија освен Левица) во клучните моменти потклекна. Затоа Левица оди по потешкиот пат, не со олигархијата – туку со народот позади себе! Нема сувереност без економска независност.