Пораз на САД во ОН – без европската поддршка пропадна обидот за целосно изолирање на Иран
Советот за безбедност на Обединетите Нации (ОН) со огромно мнозинство ја отфрли нацрт-резолуцијата на САД, која имаше за цел да се продолжи на неопределено ембаргото за оружје кон Исламската Република Иран.
Само две од 15-те земји членки (САД и Доминиканска Република) го поддржаа предлогот кој во петокот на 14-ти Август беше доставен од страна на владата на САД. Ембаргото кое Советот за безбедност го применува кон Иран трае веќе 13 години, но завршува на 18 октомври, како дел од рамката на Договорот за нуклеарната програма (Ирански договор) потпишан во 2015 година помеѓу Иран и групата П5+1 на светски сили составена од САД, Велика Британија, Германија, Франција, Кина и Русија. Токму САД беше државата која во 2018-та година еднострано и своеволно се повлече од овој договор.
Барање на САД во Советот за безбедност при ОН, од страна на дипломатите беше толкувано како чекор кон целосно отстранување и конечно поништување на нуклеарниот договор. Меѓутоа, Германија, Франција и Велика Британија се воздржаа да гласаат по однос на предлог-резолуцијата на САД, за да го спасат нуклеарниот договор постигнат со Иран, иако повеќето од нив во принцип се согласуваат да се продолжи ембаргото. Русија и Кина пак гласаа против предлогот на САД.
За разлика од Вашингтон и Тел Авив, Пекинг и Техеран ја поздравија одлуката на Советот за безбедност. Претставникот на иранското Министерство за надворешни работи, Абас Мусеви, изјави дека „во 75-годишната историја на ОН, САД никогаш досега не биле толку изолирани“.
Постојаниот претставник на Народна Република Кина во ООН, Џанг Џун, по однос на одлуката изјави „уште еднаш се покажа дека едностраноста не е поддржана и дека таквото насилство и агресија се осудени на пропаст“.