Писмо до генералниот директор Кристијан Чушков
Го објавуваме второто писмо на Елизабета Тошевска, долгогодишен работник во ЈСП, која во 2016 година започнува тужба против ЈСП за ретроактивна исплата на К-15 во период од четири години. После две години низ судските лавиринти, Елизабета го добива случајот и со извршител ЈСП го исплаќа долгот за К-15. Поради тоа, Елизабета е деградирана на пониско работно место и со понизок личен доход, иако звањето кое го поседува не кореспондира со работните задачи кои ги извршува. Случајот на кршење на работничките права е пријавен и во Државен трудов инспекторат, од каде Елизабета добила Одговор во кое само паушално се констатираат неправилностите и Инспекторатот ја упатува своите права да ги добие на суд. Дополнително, периодов и од политичката партија Левица реагираа дека добиле повеќе пријави од работници за мобинг и непочитување на мерките за заштита во ЈСП, поради што неколку пати реагирале до Државниот трудов инспекторат.
Случајот на Елизабета е еден од многуте во државата каде преку намерна бирократизација на правните механизми за заштита на работникот, се дозволува самоволието и незаконското работење во државните и приватните субјекти. Во продолжение го пренесуваме нејзиното второ обраќање до јавноста, а на овој линк можете да го прочитате нејзиното прво писмо до ЈСП.
После сите гафови што произлегоа од ‘умните глави’ на ЈСП, а насочени кон мене, конечно ти се обраќам тебе директоре, но за прв и последен пат, зошто немаш доблест да се соочиш со мене, или пак тие малите полтрончиња не те информираат, но зошто и повторно зошто се прашувам. Но, запрашај се и ти почитуван, дали барем еден судски спор завршил во корист на ЈСП. Се разбира не, благодарение на силната правна служба што ја имаме.
Имено, почитуван Чушков, јас Елизабета Тошевска, вработена во ЈСП од 1986 година до денес, со традиција повеќе од 200 години стаж во ЈСП, сметајќи ги и моите најблиски што работат и работеа во ЈСП, за последен пат те прашувам дали ќе ме удостоиш со решение „Диспечер”, затоа што повеќе од три години го работам тоа, но без соодветен личен доход, и материјално ќе ме обештетиш. За сметка на тоа, јас ви го подарувам моето нарушено здравје и ги повлекувам сите судски спорови против вас, или пак сакаш како и досега, сѐ да се решава по судски пат.
Од објавувањето на овој текст ти бројам осум (8) дена, а потоа ќе продолжам да се докажувам пред судот дека сум во право. А кој знае, можеби ќе ти проработи совеста барем тебе, почитуван, но ако не ги слушаш тие малите расипани суфлери околу тебе. Почитуван Чушков, ти благодарам за твоето внимание и те очекувам да си пружиме рака, а доколку НЕ, тогаш го повикувам градоначалникот на Град Скопје – Петре Шилегов и лидерот на владејачката партија – Зоран Заев, да подразмислат дали нивните директорчиња се тие што ветуваа сѐ во предизборниот период.
Почитувани Заев, Шилегов и Чушков, Ве поканувам на кратко соочување за да видиме кои сме и што сме.
Со длабока почит ви благодарам,
Елизабета Тошевска