Писмо на револтиран работник од ЈСП

Неисплатени К15 на работници, мобинг, работа без заштита во време на пандемија, притисоци врз вработените, деградирање на пониски звања за “непослушните работници” се само дел од информациите кои процурија за работењето на ЈСП. Директорот Чушков сѐ уште се нема изјаснато јавно по овие обвинувања. Во меѓувреме, до редакцијата пристигна писмо од Елизабета Тошевска, долгогодишен работник во јавното претпријатие ЈСП против кое Елизабета води судски спор за кршење на работничките права. Деновиве и од политичката партија Левица реагираа по анонимни пријави од работници дека во ЈСП континуирано се вршат притисоци и злоупотреба на правата на работниците, со знаење на актуелниот директор Кристијан Чушков. Одговор од надлежните нема. Во продолжение го пренесуваме во целост писмото.


Нема веќе молчење. Нашиот работник е учен така, “ќути добро е, има и полошо”, а господата директори (кои во ЈСП ги има многу), токму тоа го сакаат. И така е од првиот мој работен ден 09.10.1986 година, па до ден денес. Кој како дојде, товари си го магарето и оди си, а ние обичните смртници со прстот во уста.

Јас сум дете на починат вработен во ЈСП, и мојот татко викаше: „Десет деца да имам, едно не пуштам во ЈСП.” Но, судбината била поинаква. Тоа време, далечната 1986, морав да работам и да ги прекинам студиите. Како дете сирак на ЈСП многу тешко се пробивав низ животот и тоа трае до ден денес. За некој животот е мајка, за некој маќеа.

Во 2002 година, тогашниот директор Велјановски ми дозволи на сметка на ЈСП да го дооформирам моето образование. Имено, завршив петти степен патно-сообраќаен оператер специјалист, и по редот на нештата требаше да работам диспечер, но раководните структури беа глуви на моите барања и молби. Конечно, во 2016 година, бев распоредена во Диспечерски центарна работно место диспечер – но, без соодветна плата. На моите инсистирања добив решение помлад диспечер, иако задачите кои ги извршуваав не кореспондираа со звањето и платата која ја добивав.

Во меѓувреме, во 2016 година, започнав судска постапка – тужба за К15 ретроактивно за четири години, со поддршка на НСВ при ЈСП. После период од две години, го добивам спорот и ЈСП присилно со извршител ме исплаќа. И почитувани, почнува мојата голгота. Заради тоа што тужев, почнуваат со освета. Ме деградираат на пониско работно место и со помал личен доход – снимач на сообраќај, а на моето работно место ставаат друг човек.

Јас иницирав на мирен начин да се реши сето ова, на што еден од вработените во кабинетот на директорот Чушков ми реплицира дека очекувале да ги тужам и поради тоа не преземале ништо. Потоа повторно им се обратив писмено преку архива, да се договориме со посредник, но и тука не добив одговоро и сега сум во тужбена постапка за работното место. Заради сето ова ми го нарушија и моето здравје, за што говори медицинската документација.

Почитувани, се прашувам зошто мораме секогаш правдата да ја бараме по судски пат, зарем после 34 години работен стаж заслужив да си поигрувате со мене. Не барам ништо повеќе, освен да бидам обештетена сите години наназад од 2016 година и да бидам удостоена со соодветно решение – диспечер, што го заслужувам.

Елизабета Тошевска