Левица: Дали ЈСП е приватна сопственост на партиските послушници на СДС?
Од партијата Левица реагираа до јавноста дека откако е започната вонредната состојба, до нив неколку пати се пристигнати информации за нерегуларности во работењето на градското претпријатие ЈСП. Од партијата велат дека иако досега тие поднеле три пријави до Државниот трудов инспекторат за кршење на работничките права и непочитување на мерките за заштита, никаков одговор нема од институциите. Од таму дополнуваат дека одговор нема и од директорот Кристијан Чушков, иако неколку пати јавно беше прозван.
„Деновиве до нас пристигнаа нови информации за скандалозно и корумпирано работење во ова јавно претрпијатие, кое очигледно станува приватна сопственост на неколку партиски послушници за цедење буџетски пари и лично богатење. Имено, согласно информациите дел од службениците на Дирекцијата повеќе од еден месец не оделе воопшто на работа, иако си исплатувале дневници, додека останати вработени со нарушено здравје биле принудени да одат на работа, дел од нив и по 12 часа, без никаква заштитна опрема!
Дополнително, во ноќните часови кога стапува во сила полицискиот час, дел од старите автобуси се носат во автобазата Ѓорче Петров, за во даден момент да се исечат на делови и како отпад да завршат во непознат правец, а средствата да завршат во нечиј џеб. Со години се алармира за корумпираното и неодговорно работење во ова претпријатие, без почитување на основните безбедносни стандарди и редуцирани државни инвестиции во осовременување на јавниот превоз. Со ваквиот пристап, директно е загрозена безбедноста и сигурноста на граѓаните и дополнително се зголемува сообраќајниот хаос во градот. Како владата предводена од СДСМ планира да го оствари своето ветување од 50% намалување на загаденоста на воздухот, кога директно го дестимулира јавниот превоз во главниот град?
Јавно го повикуваме директорот Чушков да одговори за низата скандали кои го следат градското претпријатие, особено поради фактот дека неколку вработени веќе имаат покренато и постапка за непочитување на нивните права. Загрозување на безбедноста за време на економска и здравствена криза заради лично профитирање од страна на корумпирани функционери е еднакво на воено профитерство и одговорност мора да има, особено после неминовниот пад на оваа анти-работничка и недемократска власт!” – се наведува во нивната реакција.