Општина Аеродром ќе потроши 44.130 евра за одржување на јавни чешми за пиење вода

Во време на вонредна состојба кога јавните приходи на сите општини се значително намалени, Златко Марин, градоначалникот на општина Аеродром ќе потроши 44.130 за одржување на јавни чешми за пиење вода. 

Градоначалникот Златко Марин како договорен орган овој договор го потпишал на 29 април годинава, а носител на набавката е Мартин Блажовски во улога на правен застапник на Хидротек ДООЕЛ од Скопје.

“Вредноста на оваа рамковна спогодба заедно со вкупната вредност на сите поединечни договори што Договорниот орган ќе ги склучи со Носителот на набавката врз основа на оваа рамковна спогодба, согласно прифатената понуда и одлуката за јавна набавра бр. 16-1109/2 од ден 26.02.2020 година изнесува 2.300.000,00 денари без вклучен ДДВ, ДДВ во износ од 414.000,00 денари или вкупно со вклучен ДДВ износ од 2.714.000,00 денари” стои во членот 6 од договорот. Притоа, оваа спогодба е со важност од една година.

Нејасно е зошто Општината ангажира приватни фирми за вршење јавни дејности за кои се формирани државни претпријатија и истите трошат солидни суми од буџетот на државата. Исто така, и договорената сума е во најмала рака скандалозна, ако се има во предвид дек минатата година за истата намена реализирана е набавка во висина од 16.251 евра, износ кој е за речиси три пати помал од овогодинешната набавка.

Општина Аеродром и оваа фирма имаат добри бизнис односи. Тоа може да се заклучи и по минатогодишните набавки. Така во 2017 година истата оваа компанија за одржување на фонтани склучи договори со Општината во вкупен износ од 119.776 евра. Веќе следната година за истата услуга склучени се два договори во вкупна вредност од 105.107 евра, а минатата година за одржување на јавни чешмички за пиење на вода и одржување на системи за полевање на јавни зелени површини и одржување склучени се договори во вкупна вредност од 38.042 евра.