150 години Гоце Делчев: Тодор Павлов за испраќањето на посмртните останки на Гоце Делчев за Скопје
Говор на Тодор Павлов (родум од Штип), одржан на 07.10.1946 г. во Народниот театар на Софија на свечено собрание, по повод пренесувањето на коските на Гоце Делчев во Н. Р. Македонија.
Има еден интересен историски факт на кој обично не му се дава потребното внимание. Зборот ми е за следното. Тројцата големи демократи-револуционери на Србија, Бугарија и Македонија – Светозар Марковиќ, Христо Ботев и Гоце Делчев, се формираа и работеа, не само како големи демократи-револуционери и борци за национална слобода на своите народи, но исто така, во една или друга форма и степен, како социјалисти. Светозар Марковиќ во Србија со право се смета за родоначалник на српскиот социјализам, иако секако тој беше повеќе следбеник на утопистичкиот социјализам на Чернишевски, отколку на марксизмот. Ботев во Бугарија со не помалку право се почитува за неговиот голем патриотизам и за утопистичкиот социјализам, како и за некои индивидуални елементи од дијалектичко-материјалистички карактер во неговите ставови и, со еден збор, претходник на научниот социјализам кај нас, чиј основоположник подоцна по ослободувањето стана Димитар Благоев. Гоце Делчев, пак, иако во своите зрели години се оформи и се пројави пред сè и главно како голем стратег, тактичар и организатор на македонското национално-револуционерно движење, не само што на млада возраст, како јункер во военото училиште, се пројави како социјалист, па токму затоа бил избркан од училиштето, но и до крајот на животот си остана тесно поврзан со оние македонски национално-револуционерни личности, како Јане Сандански, Никола Краев, Васил Главинов, Веле Марков, Димо Хаџидимов и др., кои го сочинуваа македонското национално-револуционерно движење, неговото социјалистичко крило.
Овој факт, секако, не е случаен, туку се должи на голем број услови од објективна и субјективна природа. Пред сè, тој се должи на околноста дека сите тие три земји на времето страдаа, иако во различни облици и степени, не само од турскиот економски-феудален и политички систем и од теророт на тогашните одговорни и неодговорни фактори, туку и од своите чорбаџии и експлоататорски и предавнички кругови и елементи, од една страна, а од друга, и од конкуренцијата и империјализмот на западноевропските капиталистички земји, како и од методите на експлоатација на тогашниот штотуку испилен капитализам кај нас, кој од своја страна се појави на историската сцена доста касно, па не можеше да се развива нормално во соодветните облици и брзини.
Под овие услови, без да зборуваме за честите војни на Турција, кои ги чинеа балканските земји прилично скапо, и под идеолошко влијание на идеите на Големата француска револуција и онаа од 1818 година, како и на западните утописки социјалисти, и од големите руски демократи, народници и утопистички социјалисти, сиромашните и средни селани, занаетчиски и трговски маси, а главно и националната интелигенција, која потекнува од нив, во процесот на нивна пролетаризација се револуционираше до таков степен што прашањето за национално ослободување во одреден облик и степен прераснуваше во социјалистичко од утописки карактер. Иако Светозар Марковиќ живеше и работеше по ослободувањето на Србија, кажаното во одредена смисла се однесува и за него. Тоа уште повеќе важи за Гоце Делчев, чија родна земја, Македонија, по ослободувањето на Бугарија, требаше да ги продолжи своите револуционерни напори за национално ослободување и за ослободување и создавање на македонска држава, која, како што не еднаш се беше искажал Гоце, требаше да биде за Македонците, како што и, во исто време, целиот Балкан – за балканските народи.
Невозможно е во краток говор како овој подробно да се опише тогашната внатрешна и надворешна положба на Македонија, но факт е, до сега неоспорен од никого, дека во Македонија не само што не исчезнаа погоре споменатите услови, туку уште повеќе, тие сега се развија уште појасно во секој поглед, така што во македонското национално-револуционерно движење се создаде и се разви крилото кое беше од социјалистички карактер. И не е случајно што луѓето од ова социјалистичко крило, како што се Гоце Делчев, Н. Карев, Димо Х. Димов и др. станаа најверните, најпреданите, најчесните и најдоследните македонски патриоти и борци за национално ослободување на својата земја и за создавање на една социјална македонска република, која ќе стане природен составен дел во сојузната балканска Република, и со тоа ќе престане да биде јаболко на раздорот меѓу балканските земји и ќе стане моќна обединувачка алка меѓу нив.
Нема сега да го разгледам прашањето зошто Гоце Делчев, откако на млада возраст јасно се дефинираше како поддржувач на социјализмот, подоцна се пројави главно како голем стратег, тактичар и организатор на македонската национална револуција. Разгледувањето на ова прашање би не одвело многу далеку. Во овој случај за нас е поважно следново:
Прво. Социјалистичкото училиште, кое Гоце Делчев го помина на млада возраст, не остана без одредено влијание врз неговата понатамошна револуционерна дејност. Ова влијание пред сè се изрази со тоа што тој ги бараше и ги наоѓаше своите најверни соработници и пријатели меѓу национално револуционерните дејци, кои ги нарековме погоре социјалисти, кои останаа смртни противници од почеток до крај на секаков шовинизам, на секаков врховизам, на секаков монархизам, а подоцна по смртта на Гоце и на фашизмот.
Второ. Тоа влијание се покажа и преку фактот што имено за Делчев, македонското национално револуционерното движење од почетокот до крајот на неговата револуционерна дејност беше проткаено со важни социјални проблеми и задачи, како во смисла на радикално подигнување на прашањето за целосно ослободување на македонските селски маси од сите остатоци на турскиот феудализам, пред сè, прашањето за земјата, која треба да им припаѓа токму на селаните кои ја работат, така и во смисла на поставување на голем број други социјални проблеми што се однесуваат општо на работните селски и градски маси, кои проблеми во една или друга форма добиваа во идеологијата и активностите на некои револуционери социјалистички карактер, без притоа овој нивен социјалистички карактер да преминува во негирање или потценување на демократскиот национално-револуционерен карактер на македонското движење. Доколку некои од овие социјалисти (зборувам за тесните социјалисти) подоцна дошле до одредени секташки ставови за македонското национално прашање, Гоце Делчев не може да се вброи меѓу нив и не може да биде обвинет за лево-сектаризам. Тој подоцна допушти некои грешки од поинаква природа, за кои ќе стане збор подолу, но општо земено се пројавил од почетокот до крајот на својата дејност како еден од најдоследните револуционери, чие влијание преовладеа при формулирање на првиот устав на македонската внатрешна револуционерна организација.
Еве на пример, како гласат првите членови на Уставот на Внатрешната Македоно-одринска Револуционерна Организација:
„Чл. 1 ВМОРО има за цел да ги сплоти во едно сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народноста, за извојување на политичката автономија на овие две области.
Чл. 2. Организацијата се спротивставува на стремежите за поделба и освојување на овие области од која било држава.
Чл. 3. За да се постигне таа цел, организацијата се бори за отстранување на шовинистичката пропаганда и националните расправии кои го делат и ослабуваат населението во борбата против заедничкиот непријател; дејствува за внесување на револуционерен дух и свест кај населението и ги користи сите средства и напори за час поскоро да го вооружа населението навремено и со сè што му е потребно за едно сенародно и сеопфатно востание. Се грижи за културното и економско издигнување на организираното население и ја поддржува неговата правна борба против турската власт.“
Во редица свои изјави, Делчев не еднаш беше нагласил дека тој и неговата организација се борат не против самите турски селски и градски експлоатирани маси, туку само против власта и тиранијата на султанот, само против системот на експлоатација и угнетување на народните маси. Во својата агитација и организациона работата меѓу другите етнички малцинства во Македонија, Гоце Делчев не правеше разлика меѓу Македонци, Власи, Турци и др. Затоа, како што забележува и Јаворов во своите „Ајдучки копнежи“, тој беше просто боготворен не само од македонските, туку и од другите народни маси во земјата. А ова не беа само зборови на Гоце и неговите истомисленици. Кога беше создадена првата национална и социјална република за време на Илинденското востание во Крушево под претседателство на националниот револуционер и социјалист Никола Карев, таа не само во своите пишани документи, туку и на дело ги нагласи овие идеи на водачот на македонската национална револуција Гоце Делчев.
И токму овие сфаќања и пројави на Гоце ни даваат одредена основа да го сметаме за претходник на подоцнежниот Македонски Народно-ослободителен Фронт, кој под врховно раководство на големиот син, учител и водач на југословенските народи, легендарниот Тито, најсетне успеа да го оствари големиот сон на Гоце и неговите соработници: создавање на слободна и суверена македонска држава, која слободно се самоопредели и влезе како неразделна федерална република во Титова федеративна Југославија. Не велам, се разбира, основачот, туку претходникот. Но тоа малa заслуга ли е? Не ли е тоа вистинска слава и гордост и за самиот Гоце, но и за целиот веќе слободен македонски народ? Со ова разбирање на карактерот и важноста на македонското национално револуционерно движење, Гоце Делчев се појави и се наложи како негов голем стратег, тактичар и организатор.
За Гоце, како стратег, треба да се забележи пред сè дека тој најдоследно и најупорно се бори како против турската феудалната економска и политичка тиранија и доминација, така и против велико-бугарскиот и сите видови и степени на врховизам, и особено против сите обиди на бугарскиот монархизам да го искористи македонското национално-револуционерно движење за свои реакционерни, династични и класни цели со тоа што ќе го впрегне во колата на германската империјалистичка политика „драг нах остен“ и ќе го противстави на рускиот и другите словенски народи. Во овој поглед, заслугите на Гоце се навистина историски и ја задржуваат нивната важност до дешен ден. Гоце, без никогаш да се откаже во принцип од секаква помош од надвор, недвосмислено и не еднаш се беше изјаснил против илузиите за ослободување на Македонија преку надворешно мешање, било од соседните балкански држави, било од некои големи европски империјалистички сили. Цврсто, доследно, упорно стоеше на гледиштето дека ослободувањето на Македонија и Балканот од секое феудално или империјалистичко влијание е дело на македонскиот и на самите балкански народи. А особено за ослободувањето на Македонија, тој сметаше, длабоко убеден дека нејзиното ослободување може да дојде само преку сериозна подготовка и подигање на сенародно вооружено востание, на чија пропаганда и организација ги посвети сите свои сили и, и најсетне херојски ја положи и својата прекрасна глава на 1 мај 1903 година во близина на селото Баница, Серско.
Но, откако ја постави оваа голема стратешка, национална и социјална задача, Гоце, како тактичар и организатор, се покажа како реалист од прв ред. Познато е дека Гоце, заедно со него и Никола Карев и други, се спротивставија на одлуката на внатрешните и надворешните врховисти, на чело со Гарванов и Борис Сарафов, за востание. Тој и некои други членови на Централниот комитет на ВМРО свикаа специјално заседание во Софија, на кое солунското решение од јануари 1903 година беше поништено, зашто, според нив, востанието, и политички и воено, сè уште не беше доволно подготвено. Арно ама врховистите, поради непростливата „попустливост“ на Даме Груев, го решија на конгресот во Смилево прашањето за подигањето и датумот на Илинденското востание, кое, како што е познато денес, и покрај прочуеното херојство на револуционерните македонски маси, на чело на кои застанаа и другарите на Гоце, како што се Никола Карев и др., претрпеа тежок пораз. Бугарскиот монархизам и врховизам се обидоа да го искористат токму овој пораз за да ја оплетат нивната реакционо-монархиско-врховистичка кошница, а сам Гоце, како што реков претходно, херојски загина уште пред востанието. Секако, има голем број на сериозни причини да веруваме дека неговата смрт не била случајна, туку била дело на гнасно врховистичко предавство, макар последното да било направено специјално за четата на војводата Гуштанов, кон која во тоа време се беше придружил и самиот Гоце.
Како тактичар Гоце Делчев се одликуваше и со сериозниот став кон прашањето не само за вооружената, туку и за идеолошко психолошката подготовка на народните маси. Тој не еднаш, не по еден повод беше изјавувал и нагласувал дека за да биде востанието успешно, народните маси треба да бидат доволно идејно и психолошки подготвени, за да знаат за што се борат и да може да ја издржат тешката и судбоносна борба до крај. Се разбира, тој никогаш не западнал во просветителско опортунистичко разбирање на револуционерната просвета и не ја сфаќал просветно револуционерната работа како нешто одвоено од општата положба и задачи на земјата и на револуционерното движење.
За да се подготви сеопфатно народната револуција и да ги обезбеди воено-техничките, политички и просветно-идејни предуслови, Гоце спроведе една титанска организациска дејност, која може да се рамни само со онаа на Левски. Тој постојано ги обиколуваше сите револуционерни окрузи и комитети, учејќи, давајќи ги потребните директиви, судејќи, внесувајќи ентузијазам, инпирирајќи создаваше револуционерен кадар, учествуваше дури и во техничко производство на бомби и во пренесувањето на оружје и др. Со таа организациска дејност, тој будеше љубов, ентузијазам и подготвеност за борба и жртви кај револуционерните народни маси, а кај противниците се всадуваше вистинскит страв и трепет, поради што тие од дното на душата го мразеа и не еднаш се обидоа физички да го уништат.
А за постигнувањето на сите тие успеси, не малку му помагаше и неговиот личен шарм како патриот, хуманист и револуционерен учител и водач. Гоце беше една навистина шармантна личност, па нашиот поет Јаворов со право го нарекува во својата биографија на Гоце: „ајдучко божество“. Имаше нешто навистина неодоливо шармантно кај тој македонски „ајдутин револуционер“ и тоа не само во неговиот морален и идеен, туку и во неговиот физички изглед. Прекрасно граден, со чудесно убави црни очи, виток, снаодлив, со неисцрпна физичка и духовна енергија, со чудесно срце, што се одзива на секое народно страдање и болка – тој беше навистина личност што ретко се среќава во историјата на народите. Не можам сега да се сетам кога и под какви околности го имам видено и дали тоа се случи во Македонија, или овде во Софија, но во моите детски спомени ми се врежал неговиот лик кој, во споредба со овој портрет што го гледаме овде, навистина не ни дава ни приближна претстава за големиот, неискажлив шарм што извираше од тој прекрасен човек, кој стана една од најубавите легенди на македонскиот народ. За него шумат приквечер таинствено со неискажлива убавина брановите на Вардар и Егеј; за него простум се вишат со волшебната синевина во македонското небо снежните врвови на Шар и Пирин; за него замолкнуваат во тага темните македонски гори, како што тоа со големо поетско мајсторство го пренесе во една од неговите песни најголемиот современ поет на Македонија – Венко Марковски:
Горо ле, стрео ајдучка,
горо ле, мајко јуначка,
зошто ле горо, зашуми
кога ни ветре не дувна?
Дал ми те јунак наминал
со стара верна дружина?
Дал ми те некој проколна
за вековечни времиња.
Ил ми те нешто исплаши,
исплаши памет помами?
Горо ле, не трај — прозбори,
тешка ми рана отвори.
„Нито ме јунак намина,
со стара верна дружина,
нито ме некој проколна
за вековечни времиня.
нито ме нешто исплаши,
исплаши памет помами,
туку ме куршум прониза,
туку ми Делчев загина.
Силна ме треши трешница,
лута ме стаса неволја
затоа така зашумив
у таја доба никоја!”
А кој од нас не ја знае прекрасната народна песна за женидбата на Гоце и Македония?
Каков се облак зададе
од долу — од Македонија. . .
Не ми е било облаче, народната песна продолжува, туку е била четата на „Гоце Војвода“, кој падна во битка и со тоа симболично се „ожени“ со „таа пуста Македонија“.
Ваквите грандиозни поетски слики во народната и индивидуалната поезија се можни само за хероите, кои народите ги облекеле во ореолот на легендарност, зашто се влезени длабоко во свеста и потсвеста на самите народни маси. Гоце навистина стана голема народна легенда, каква што за бугарскиот народ се Караџата, Левски и Ботев. Токму затоа неговото моќно револуционерно и духовно влијание ни најмалку не ослабна во последните децении, туку напротив, растеше сè повеќе и повеќе.
Но токму затоа, ние веднаш ќе додадеме, ако сакаме да бидеме негови вистински и достојни почитувачи и ученици, не можеме и не смееме да премолчиме, дури и во свечените чествувања во негова слава, како што е случајот денес, некои од неговите слабости и грешки, од кои македонските поколенија се должни да ги извлечат нужните поуки, за да може доследно да се спроведе, до самиот крај, сонот на Гоце за ослободување и сестран успех и величие на македонскиот херојски и во секој поглед прекрасен народ. Ако оставиме настрана некои грешки од чисто организациска природа, осознаени покасно и од самиот Гоце, ќе се навратам тука само на две негови грешки, од кои првата е чисто тактичка.
Зборот ми е дека непосредно пред Илинденското востание, за кое Гоце и Ѓорче Петров сметаа дека не беше доволно политички и воено подготвено, тие двајцата, во целосна противречност со овој став за предвременото Илинденско востание, дадоа наредби за зачестување на атентатите и четничките акции во земјата, кага самиот Гоце го изврши со својот одред познатиот напад на мостот и тунелот кај Ангиста. Тој, се разбира, брзо ја сфати својата грешка, но веќе беше доцна: самиот тој, заедно со Ѓорче Петров со тие нивни наредби налејаа масло на огнот и го забрзаа востанието, кое беше веќе испланирано од внатрешните и надворешните врховисти.
Втората грешка, многу поважна, е тоа што Гоце, кој со целата своја револуционерна дејност и разбирање, неизмерно придонесе за формирањето и развојот на македонската национална (македонско-словенска, не бугарска и не српска) свест, сепак не најде можност да се справи со ова исклучително важно прашање и да му го даде решението што го подготви историјата уште пред ослободувањето на Бугарија, а по нејзиното ослободување го заврши врз основа на голем број географски, економски, политичко-револуционерни, културни и др. услови. Се разбира, на Гоце му беа познати, на пример, ставовите и дејноста на Теодосиј Скопски, на Партенија Зографски, на Петар П. Арсов и „лозарите“, на Ѓорче Петров, на Мисирков и др., но сепак, тој за ова исклучително важно прашање не зазеде јасен став. Тоа не можеше да не се одрази врз целата негова политичка, тактичка и организациска национално-револуционерна дејност.
Како и да е, не смееме да бидеме неправедни спрема сеќавањето на големиот македонски син, и затоа тука, сепак, сме должни да одбележиме дека Гоце напишал во едно свое писмо: „Така ли нема кој да напише барем една книга на македонски?“ Овој восклик на Гоце покажува дека ако тој беше жив, во никој случај немаше да остане рамнодушен на фактот дека денес во Македонија има маса книги, а не само поетски и публицистички, напишани токму на македонски јазик, кој веќе прилично се разви и се повеќе и повеќе се дооформува и усовршува како нов литературен македонски јазик. Лириката на Рацин, на Неделковски и особено на Венко Марковски и на цела редица други талентирани македонски поети, прекрасни списанија и многу други дела кои излегуваат со зголемено темпо, прекрасни драмски дела, изведени со огромен успех од страна на Скопскиот Народен Театар, од чие мајсторство и ние овде во главниот град на братска Бугарија, имавме неодамна прилика да се восхитуваме, не само од изведбата на артистите, туку и од кршниот и звучен македонски јазик – сето тоа е непобитен доказ дека желбата на Гоце е веќе историски факт кој со никакви извртувања и со никакви провокативни подметнувања и интриги на нашите великобугарски реакционери, кои сакаат да го вратат тркалото на историјата наназад, не може да биде ниту одречен, ниту омаловажен или потценет.
Но, како што реков погоре, и пак ќе кажам, и покрај сето ова, Гоце со самата негова револуционерна дејност и особено со немилосрдната борба против великобугарските, великосрпски и други злоупотреби за сметка на македонскиот народ и револуција, неизмерно придонесе за таквото решение на ова прашање, кое историјата веќе му го даде без можност за ревизија, и кое логично ги надополни и ги доврши самите револуционерни македонско-ослободителни погледи и дејност на Гоце.
И токму затоа што тоа веќе се случи, и токму затоа што македонскиот народ во последната епска борба против фашистичкиот јарем, овој пат испадна не сам, туку имаше голем број моќни и верни пријатели и сојузници: моќното југословенско народноослободително движење, предводено од славната југословенска комунистичка партија и нејзиниот легендарен водач – организатор на победата над фашизмот – Јосиф Броз Тито; движењето „Татковински фронт“, а подоцна и режимот „Татковински фронт“ во Бугарија, на чело со НК на ОФ и БРП (к) и неговиот легендарен учител и водач – учител и водач и на целиот бугарски народ – Георги Димитров; народно демократски движења и нивните водачи и други словенски и демократски земји, особено и на прво место великиот СССР со својата славна Комунистичка партија, со непобедливата Црвена армија и најголемиот политички и воен лидер, стратег и организатор – генералисимус Сталин; токму заради сето ова, а исто така и заради новите нараснати внатрешни сили во самата Македонија, со нејзиното славно Народноослободително движење, предводено од Македонската комунистичка партија и нејзините водачи Д. Влачов и Лазар Колишевски – токму заради сето ова новиот македонски Илинден е крунисан со целосен успех и како резултат на тоа, сега имаме нова, слободна, суверена, национално еманципирана и независна стопански, политички, национално и културно силно успешна Македонија како природна федерална единка на Титова Федеративна Југославија.
Треба да се рече смело и сега да се нагласи дека ако вториот Илинден заврши толку блескаво, неговата генерална проба од 1903 година, организирана од Гоце и неговите соборци (и покрај измамите и лукави пресметки на внатрешните и надворешните врховисти со предвременото подигање на востанието) беше и ќе остане, и во свеста на македонскиот и на сите балкански народи токму како еден од условите за победоносното привршување на вториот Илинден – 11 октомври 1941 година, кое се доврши на Илинден 1944 година со историското заседание на АСНОМ, во манастирот Пчиња, каде е создадена новата македонска Федерална Република, која суверено се самоопредели да стане природна составна единка на Федеративна Титовска Југославија. Оваа историска заслуга на Гоце и неговите соборци, и покрај некои нивни грешки и недостатоци, кои сега ги спомнуваме само за да не ги повтараме, е доволна за да остане името на Гоце едно од најомилените имиња за македонскиот народ и за биде обвиткан неговиот лик со неуништив ореол на славата и љубовта народна.
И сето ова ни дава право да тврдиме дека Гоце е сè уште жив меѓу нас и дека бесмртениот негов дух продолжува да бдее на верна стража, будно грижејќи се за понатамошната судбина на неговата сакана земја и народ. Никаква кал, никакви клевети и провокации од нашите и други шовинисти и реакционери нема да може да ја помрачи неговата слава и да ја згасне големата љубов што ја има за својот легендарен македонски син, веќе слободениот и заитан со џиновски чекори напред народ.
Гаранцијата за ова се:
Пред сè, моќното народнофронтовско движење и моќ на Титова Федеративна Југославија и нејзиниот велик маршал, учител и водач на сите југословенски народи – Јосиф Броз Тито;
Моќното отечественофронтовско движење и власт на Народна Република Бугарија и нејзиниот учител и водач, основач, инспиратор и организатор на нејзините победи – Георги Димитров;
Моќни народнофронтовски движења во другите словенски и други демократски земји и нивните славни водачи и учители, на чело со великиот СССР и неговиот бесконечно сакан од сите демократски народи и движења, мудар, брилијантен и ненадминат низ целата човечка историја, учител, водач и генералисимус – Јосиф Сталин!
И ете, денес се собравме овде, во срцето на отечественофронтовска Софија, за да му оддадеме слава и почит на споменот на големиот македонски син и неговото историско револуционерно, национално, социјално и културно дело. Дојдени ни се неговите верни ученици, борците на Народниот фронт за слободата на Македонија и творци на нејзината нова национална и општочовечка култура, за да ги земат коските на својот национален учител, водач и херој и да ги пренесат во Скопје – главен град на новата, веќе слободна, федерална Македонија.
Јас немам ниту можност ниту овластување да давам некакви особени изјави или декларации од чисто политичка природа. Но, сепак, мислам дека имам право и должност да го кажам овде следново: Овој чин, чинот на пренесување на коските на Гоце Делчев од нова, слободна, отечественофронтовска Софија во новиот главен град на македонската слободна држава, смело ќе кажам, има големо историско, симболично значење, уште повеќе затоа што на нивниот пат тие ќе поминат и низ Пиринска Македонија.
Свеченото и искрено испраќање на светите коски на Гоце, кое новата ОФ Бугарија го организирано, исто така претставува голем историски и симболичен чин кој покажува дека во Македонија, во цела Југославија, како и овде во ОФ Бугарија, работите од корен се променија и тоа во смисла и пред се главно на довршување и логичен крај на историското дело на Гоце и на сите негови современи и подоцнешни ученици и соборци.
Македонија може да биде, треба да биде и конечно ќе биде обединета во своите природни историски граници. Така обединета, моќна, слободна, суверена и од секој поглед прогресивна, таа навистина ќе стане моќна обединувачка алка на балканските словенски и другите демократски народи – славна историска улога на која беше предодредена дури и во времето на нејзиниот бесмртен син Гоце Делчев.
Поклонувајќи се од името на отечественофронтовска народно-републиканска Бугарија пред светите коски на легендарниот син на Македонија и искажувајќи длабоко убедување дека овој историски симболичен чин ќе послужи за уште поголемо, поцелосно и порешително приближување и дружба меѓу бугарскиот народ и народите на братска Титова Југославија, и особено македонскиот народ, извикувам:
Да живее цврстата и неразрушива дружба меѓу сите словенски и слободољубиви народи, на чело со великоиот СССР и со рускиот народ, нашиот, и ослободител на сите словенски народи, учител и покровител!
Да живее цврстата и неразрушива дружба меѓу сите јужни словени!
Да живее Федеративна Титова Југославија!
Да живее отечественофронтовска народно-републиканска Бугарија!
Да живее слободна, суверена, народно-републиканска, и во секој поглед прогресивна федерална Македонија – остварениот сон на бесмртениот и легендарен нејзин син, претходник на Националниот Македонски Фронт – Гоце Делчев!
Овој текст е дел од настанот „Македонската кауза – 150 години од раѓањето на македонскиот револуциoнер Гоце Делчев” организиран од левичарскиот институт „Рацин”.