(Видео) Смилев: Шумските пожари ни ја доставија фактурата

Игор Смилев, кандидат на политичката партија Левица за советник во Општина Велес, е еден од најзаслужните борци за затворањето на велешката „Топилница“. При протестите од 2011, против деценискиот трујач на многу генерации, Смилев беше кривично тужен од сопствениците, со закани дека ќе добие казна од 20.000 евра, но остана доследен на „зелената кауза“ како активист во Еколошката групација „Green Power“ и Движењето за социјална правда „Ленка“.

Тој како кандидат за советник во Општина Велес предложен од Левица најмногу се залага за „зелените“ еколошки политики во градот. Во своето видео обраќање до граѓаните рече:

„Шумските пожари ни ја доставија фактурата за неодговорниот однос, неспособноста и евашлукот кон природата. Плативме превисока цена во државата во која секако никој не е одговорен и никој не е процесуиран. Приказните за Велес без загадување, за Велес со хималајски воздух, за Велес со гасифицирана индустрија се уште една безочна лага. Немаме еколошки инспектор, немаме еколошки авторитети, немаме баждарини и мерни станици, ниту пак санкции за големите индустриски хаварии. Бреза и понатаму е забранета планина, Езерото младост недоволно пошумено, голи ридови насекаде. Да им ставиме крај на газдите на нашите животи, ние сме Левица за вистински Зелен Велес.“