150 години од раѓањето на Ленин
Денес, 22 април 2020, се одбележуваат 150 години од раѓањето на Ленин, лидерот на Руската Револуција. Еден од корените на колапсот на eвропската „левица“ и нејзиното либерализирање може да се лоцира токму во запоставувањето на Ленин, а особено неговиот фокус врз анти-колонијализмот како клучен столб на антикапиталистичката мисла и борба. Имено, Ленин објаснува дека империјализмот е доба на глобализирање на капиталот, кој се карактеризира со концентрација на богатството во многу мал број луѓе преку создавање на олигополи, неприкосновени монополи и трустови (картели) на капиталот.
Преку Болшевичката револуција не само што се поттикнува мирот помеѓу народите, туку и преку нејзиниот принцип на самоопределување на народите се охрабруваат и народно-ослободителните движења ширум светот. Токму Ленин инсистираше дека револуциите за национални ослободувања во колонизираните земји се неодделиви од борбите против капиталот во колонијалните земји. Според тоа, Марксистичка-Ленинистичка позиција е само онаа која ја согледува потребата од дезинтеграција на глобалниот колонијален комплекс како предуслов за создавањето на радикално нов општествен систем. Всушност, колапсот на западниот марксизам и неговото „либерализирање“, влече корени од неспособноста да ја согледа борбата помеѓу колонијализмот и анти-колонијализмот (предводен од Комунистичките партии) и потценувањето на неверојатниот успех кој во 20 век беше постигнат на ова поле.
Во оваа насока, еден од најдобрите познавачи на Ленин, Доменико Лосурдо коментира: „Доколку сакаме да направиме разлика помеѓу „Десницата“ и „Левицата“, треба да обратиме внимание на два големи проблеми. Прво, нивната позиција во однос на неолибералните мерки и уништувањето на социјалната држава. Како второ, треба да се согледа нивната позиција во однос на ризикот од светска војна или неоколонијална војна, како војните против Либија, Ирак, Југославија и Сирија. Ова се нео-колонијални војни. Доколку некоја партија (или група) ги брани овие војни, таа не може да се нарекува ,левичарска’, таа припаѓа на десницата“.
Ваквата дезориентирана и некомплетна „либерална левица“ се претвора во алат со кој оперира токму нео-колонијализмот. Оттаму причината зошто нејзе не ја интересира воениот-империјалистички комплекс. Или, пак, тоа што 90% од светските ресурси се контролирани од 1% од населението; се’ додека пропорционален број на идентитетски групи (по етничка, родова и сексуална припадност) се застапени во тој 1%. Ваквата левица, преокупирана со прашања поврзани со супер-структурата (културата) и вгнездена во удобните столчиња по факултетите и институтите, целосно е одделена анти-колонијалната борба, и од самиот пролетеријат, а на крај и од мислата и делото на Ленин. Впрочем, на тоа се должи и нејзиниот неуспех, таа е жртва на сопствената неспособност да се соочи со потребата од изградба на држава која е способна ги издржи притисоците на империјализмот. Токму затоа, ваквата „левица“, која смета дека патот до социјализмот е можен само преку класната борба, е импотентно и внатрешно распаднато зомби, која може да се придвижува единствено на команда на империјализмот.
Онаа левица која се’ уште е длабоко вкоренета во марксизмот-ленинизмот, не страда од илузии дека социјалистичката револуција може да се случи преку ноќ, свесна за постапките и околностите таа одговорно стреми да освои моќ, а потоа да се консолидира преку изградбата на држава која е способна да се одбрани од нападот на империјалистичката контра-револуција.