Четириесет години од смртта на Фром
Овие неколку дена се значајни за да се потсетиме на една важна личност која придонесе за распростанување на идејата за хуманистичката димензија на социјализмот. Станува збор за германскот социјален психолог и психоаналитичар Ерих Фром. Како интелектуалец со холистички поглед на светот, и со познавање на повеќе научни дисциплини оставил богато и значајно творештво, особено со акцент на длабокиот хуманизам и искрената потрага по смсилата на животот во современиот свет.
Починал пред 40 години (18.03.1980), само пет дена пред неговиот осумдесети роденден (23.03.1900). Тој е еден од основачите на социјалистичкиот хуманизам како и еден од основачите на социјалниот хуманизам кој ги поткрепува раните дела на Карл Маркс и неговите хуманистички пораки кон САД И Западна Европа.Тој дал значен придонес во ширењето на хуманистичките идеи на учењето на Карл Маркс, особено кон земјите од Западниот свет. Кулминација на социјалната и политичката филозофија на Фром е во неговата книга ‘’Здраво општество’’, која е објавена 1955 година, каде тој го отфрла западниот капитализам на кој тој гледа како на дехуманистичка и бирократска социјална структура. Во почетокот на 60 те години Фром издава две книги кои се занимаваат со Марксистичкото мислење (‘Марксовото сфаќање на човекот 1961’ и Отаде оковите на илузијата: мојата средба со Маркс и Фројд“1962.)
Во продолжение следи извадок од неговата книга „За непослушноста и други есеи“, напишана во 1963, а преводот на македонски објавен од „Комунист“, Скопје во 1989
„…Постои уште една причина зошто е тешко да се биде непослушен и да и’ се каже „не“ на моќта. Во најголемиот дел од човечката историја послушноста се поистоветувала со доблест, а непослушноста со грев. Причината е едноставна: од дамнешни времиња, низ историјата малцинството владеело над мнозинството. Ваквото владеење било нужно заради фактот што средства за живот во доволна мера имало за малкумина, додека за мнозинството останувале само ронките. Ако малцинството сакало да ги ужива овие средства и згора на тоа мнозинството да го опслужува и да работи за него, тогаш бил неопходен следниов услов: мнозинството требало да се научи на послушност. Се разбира дека послушноста може да се постигне со сила. Но таквиот метод има многу недостатоци. Тој постојано носи опасност дека еден ден малцинството може да биде симнато од мнозинството со сила; натаму, постојат многу видови работа кои не можат да се извршуваат како што треба, доколку зад послушноста стои стравот. Затоа, послушноста која е вкоренета во стравот од силата мора да биде трансформирана во послушност која е вкоренета во човековото срце. Човекот треба да сака, дури и да чувствува потреба за послушност, наместо да чувствува страв од непослушноста. За да го постигне тоа, власта мора да ги преземе квалитетите на Сето Добро и Сета Мудрост; мора да стане Сезнаење. Во тој случај власта може да изјави дека непослушноста е грев, а послушноста доблест; откако ова еднаш е прокламирано, мнозинството ќе ја прифати послушноста затоа што таа е добра, а ќе ја мрази непослушноста затоа што е лоша, наместо да се презираат себе си што се кукавици. Од времето на Лутер до деветнаесеттиот век човекот се соочуваше со отворен и експлицитен авторитет. Лутер, папата и кнезовите го поддржуваа; средната класа, работниците и филозофите се обидуваа да го искоренат. Борбата против авторитетот во државата како и во семејството често беше основа за развитокот на независна и смела личност. Оваа борба против авторитетот беше неразделна од интелектуалното расположение карактеристично за филозофите на Просветителството и за научниците. Ова „критичко расположение“ се одликуваше со вербата во разумот и со сомневање во сè што беше збор или мисла доколку беше засновано врз традицијата, суеверието, обичаите или моќта. Принципите sapare aude и de omnibus est dubitandum – „да се осмелиме на мудрост“ и „во сè мора да се сомневаме“ – беа својствени за становиштето кое ја поттикнуваше и унапредуваше способноста да се каже „не“…“