Уште една некогашна државна фабрика оди под стечај – Тетекс се затвора, 150 работници остануваат на улица
Фамозната транзиција никако да заврши, напротив, таа се’ уште служи како изговор на естаблишментот за присвојување на народниот имот – фабриката Тетекс се затвора, а на улица остануваат над 150 текстилни работници.
Волнарскиот комплекс „Тетекс“ пред година дена го затвори погонот Трикотажа, потоа го затвори погонот Ткајачница, сега се затвора последниот погон Конфекција. Од некогашниот комбинат единствено останува во функција Предилница, која е во сопственост на странска фирма. Тетекс Ад Тетово за периодот јануари-септември 2019 година оствари позитивен финансиски резултат и прокнижи добивка од 42.923 илјади денари. Вкупните приходи изнесувале 164.271 илјади денари и биле намалени во однос на истиот период од минатата година кога изнесувале 206.572 илјади денари. Оперативните расходи изнесувале 158.085 илјади денари и биле намалени за 18% во однос на истиот период на минатата година.
Волнарскиот комбинат „Тодор Циповски-Мерџан“ започна со производството на 25 мај 1951. Во годините и децениите што следеа, „Тетекс“ израсна во вистиски текстилен гигант на југословенските простори. Во 1987-1988 година, комбинатот имаше 8.800 вработени во неколку производствени погони и во голема трговска мрежа. Во 1991 година започна неговата трансформација од општествено претпријатие во акционерско друштво. Последниве две децени, од година во година, поради потешкотии во работењето постојано се намалуваше бројот на вработените и еден по еден се затвораа производствените погони. Во 2014 година брјот на вработени во комбинатот изнесуваше само околу 200 вработени, со чести прекини со работа на погоните заради пропаднати зделки со странски фирми.
Од „Тетекс“ информираат дека причините за затворање на фабриката се ниските цени наложени од странските фирми за кои тие работеле изминативе 3-4 години. Следствено, како што стои и во нивното соопштението на Македонска берза, „поради запазување на правата и интересите на акцинерите и зголемување на вредноста на капиталот“ биле принудени да престанат со производството. Во истото соопштение стојат и мошне индикативни податоци кои даваат сомнеж за внатрешни тргувања и пазарења од страна на раководните структури на самата фабрика на штета на работниците во истата. Имено, покрај тоа што лани компанијата подели вкупно 950.770 евра дивиденда, исто така еден од акционерите, кој воедно е и најревносен протагонист на политиките на моменталната власт предводена од СДСМ (инаку, партија која го почна болниот процес на приватизација), Тито Беличанец, не бил само обичен акцинер туку бил и независен член на Одборот на директори на „Тетекс“ АД Тетово, кој само две недели пред прогласувањето на пропаст на оваа компанија продал 4000 акции во износ од 146.000 евра. А пак на генералниот директор Глигорие Гоговски – како што стои во Годишниот извештај на компанијата, објавен на Македонската берза – по основ на менаџерски договор минатата година му се исплатени нето 2.489.952 денари.
Инаку, во составот на Одборот на директори на компанијата како независен член, покрај Тито Беличанец се наоѓа уште и академикот Владо Камбовски, член на МАНУ.