Мора да го запреме овој мозок да функционира

Антонио Грамши, покрај Антонио Лабриола, е еден од најпознатите италијански марксистички филозофи. Заедно со Палмиро Тољати, тој е најмаркантната личност во борбата против фашистичкиот режим на Мусолини и воспоставување на комунистичката власт во Италија.

Иако никогаш не успеа да дојде на власт со Комунистичката партија, Грамши со своите дела, најголем дел постхумно објавени дава несебичен придонес кон популаризацијата на комунизмот, класната нерамноправност и социјалната борба во Италија. Секако тоа во најголем дел го прави како еден од основачите на Комунистичката Партија на Италија, кој, заедно со Никола Бомбачи и Амедео Бордига во Ливорно, на 21 јануари, ја основаат оваа партија. Истата оваа партија во 1943 година се реобновува под називот Италијанска Комунистичка Партија, назив кој го задржува се до нејзиниот распад.

Роден на 22 јануари 1891 година во Алес, Сардинија, како четврто од вкупно седумте деца на Франческо Грамши и Џузепина Марсиас, израснал во релативно сиромашно семејство. Уште од најмала возраст бил принуден да работи поради тоа што неговиот татко бил осуден поради проневера. Поради тоа и одреден период го напуштил училиштето. Сиромаштијата и здравствените проблеми воопшто не го спречиле во неговата понатамошна наобразба. Со неговиот постар брат Џенаро, посетува средно училиште во Каљари, најголемиот град во Сардинија.

Подоцна, во 1911 година добива стипендија на Универзитетот во Торино каде му се вкрстува патот со Палмиро Тољати. Додека студирал лингвистика тој работи и како регрутер на работници од сиромашните делови на Италија за потребите на производителите на автомобили Fiat и Lancia. Токму тука, непосредно се запознава со тешките услови за работа во големите фабрики за масовно производство .

Соочен со тешката економска состојба во која се наоѓал како и со експлоатацијата на работниците во овие фабрики тој за прв пат стапува во “допир” со марксизмот. Во 1913 година поттикнат од социјалните проблеми тој се приклучува во Италијанската социјалистичка партија која во регионот Пиемонт (Торино е најголем град во Пиемонт, тогаш најважен индустриски центар во Италија) била прилично силна токму поради бројните фабрики.

Грамши во овој период успешно се инфицира со идеите на Антонио Лабриола, Родолфо Мондолфо како и Бенедето Кроче. Со значително внимание ја следи Октомвриската револуција и покажува нескриени симпатии кон Ленин.

Претходно, од 1914 година тој пишува за социјалистичкиот весник Il Grido del Popolo каде се добива со голема репутација како најистакнат автор. Две години подоцна станува и втор по ранг едитор во Avanti!, официјалниот гласник на Социјалистичката партија во Пиемонт.

Грамши како еден од најважните марксисти на минатиот век, особено во западниот дел на Европа, напишал повеќе од 30 книги и над 3 илјади страници на анализи додека е притворен. Тој во овие книги дава поопширен поглед на културната хегемонија како средство за одржување и легитимирање на капиталистичката држава. Грамши го сметал марксизмот како “брак” на чисто интелектуалната критика на религијата, пронајдена во ренесансниот хуманизам и елементите на Реформацијата кои им се допаднале на масите. За него, марксизмот би можел да ја надмине религијата само ако ги задоволи духовните потреби на луѓето.

На 9 ноември 1926 година тогашната фашистичка влада на Италија предводена од Бенито Мусолини изгласа бројни закони иницирани по наводниот обид за негов атентат. Неколку дена подоцна започнаа масовни апсења ширум земјата, а најголем дел од уапсените беа неисомисленици и припадници на комунистичкото движење во Италија. Еден од уапсените е токму Грамши, чиј пратенички имунитет не беше пречка да биде затворен во затворот Регина Коели.

За време на неговото судење, обвинителот изјави „Дваесет години мора да го запреме овој мозок да функционира”. На ова судење доби итна затворска казна од пет години која ја издржа на островот Устица, а веќе следната година доби и дополнителни 20 години.

„Неговите заби испаднаа, неговиот дигестивен систем се сруши за да не може да јаде цврста храна … тој имаше конвулзии кога повраќаше крв и претрпе главоболки толку насилни што ја удри главата од ѕидовите на неговата ќелија.” – ќе биде забележано за неговиот престој во затворот.

Со комбинација на аретриосклероза, туберкулоза, висок крвен притисок, ангина, гихт и гастритис тој е хоспитализиран на 21 април 1937 година. Шест дена подоцна, на 27 април на 46 годишна возраст умира.

,,Мразам индиферентни. Верувам, исто како Федерико Хебел, дека да се живее значи да се биде пристрасен. Не може да постојат само луѓе, туѓинци во градот. Кој навистина живее мора да биде граѓанин, мора да биде пристрасен. Рамнодушноста е безволност, паразитизам, кукавичлук; тоа не е живот. Затоа ги мразам индиферентните.’’ – Антонио Грамши