ЈП Комунална хигиена ќе потроши 19 илјади евра на преведувачки услуги

Јавното претпријатие „Комунална хигиена” Скопје ќе потроши точно 1.180.000 денари, или во евра 19.187 за преведувачки услуги.

Ова е проценетата вредност на договорот потпишан на 4 февруари годинава, од страна на директорот на ЈП „Комунална хигиена” Скопје, Абдусамед Шабани, како и директорот на Еј-Би-Си, Елизабета Младеновска.

Во техничката спецификација е наведено дека носителот на оваа јавна набавка ќе понуди повеќе јазични услуги – вклучувајќи писмен превод од македонски на албански јазик и обратно; писмен превод од македонски јазик на англиски јазик и обратно; симултано толкување од македонски јазик на албански јазик и обратно; консекутивно толкување од македонски јазик на албански јазик и обратно, симултано толкување од македонски јазик на англиски јазик и обратно; консекутивно толкување од македонски јазик на англиски јазик и обратно; лекторирање од македонски јазик на албански јазик и обратно; како и лекторирање од македонски јазик на англиски јазик и обратно.

Не е познато каква потреба има ЈП Комунална хигиена од превод на албански и на македонски јазик ако се знае дека покрај директорот, од албанска етничка припадност е главниот асистент на директорот, двајца од вкупно тројцата помошници директори, како и деловниот секретар и советникот на директорот.

Инаку, ова трговско претпријатие за странски јазици „Елизабета Еј-Би-Си” и минатата година склучи договор со ЈП „Комунална хигиена” Скопје. За разлика од годинава, вредноста на договорот минатата годна беше за 180 илјади денари помала односно изнесуваше 16.260 евра.