СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ се мултимилионски картели изградени од маката на работниците

Говор на делегатот Бобан Кочовски од првиот Пленум на политичката партија Левица.


Почитувани ,

Искрено моја огромна чест и задоволство е што стојам овде пред сите Вас, членови, симпатизери и други заинтересирани лица кои што препознаа дека единствено Левица се залага за позитивни промени во Република Македонија.

Сите ние сме свесни што се случува со нашата држава од самото осамостојување па до денес, разноразните неправди, манипулации, валкани игри, кои што од ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ направија мултимилионски политички картели, водени од само една идеја: Повеќе профит за нив, на товар на граѓаните! Сплотени, овие три партии ја соголеа нашата држава, го направија македонскиот народ сервилен и потчинет, ги разгореа национализмот, империјализмот, шовинизмот, клиентелизмот, ја уништија средната класа, ја продадоа историјата, се одрекоа од народните херои, се со цел – поддршка од Западот и подолго владеење со државата. Се додека дозволуваме ваквите политички картели да ја оформуваат сликата за тоа што е правилно, а што не е, ние ќе бидеме на местото каде што сме сега – на самото дно!

Секојдневно сме сведоци на политичките скандали на СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ, кои што ги изигруваат законите за нивните цели, донесуваат или изменуваат закони кои што не им одат во прилог, создаваат лажна блискост со нашите соседи преку потпишување на капитулантски договори кои се штетни за Република Македонија, без притоа да се консултираат со нас – граѓаните. Единствениот пат кога се побара наше мислење беше неуспешниот референдум на кој што бојкотирајќи кажавме јасно и гласно – НЕ за лицемерни и конфузни референдумски прашања, НЕ за влез во НАТО, НЕ за промена на името, НЕ за политиките на СДСМ и ДУИ!

Секојдневно се затвораат фирми, луѓе остануваат без работа, без социјална помош, работат за надомест под минимално утврдениот, работат во мизерни услови со секојдневни закани. Работниците од 91-ва до денес се она што биле робовите пред 5 000 години – само тажни и изнемоштени лица, луѓе без надеж и услови за достоинствен живот, луѓе кои работат макотрпно само за да ги исплатат кредитите, да се прехранат, да купат лекови и да се молат за подобро утре. Вака веќе не може!

Но, ете, некој локален моќник во Велес мислел дека може да ги искористува вработените во неговата конфекција ,,Стоби”, па откако повеќе не му било во интерес да ги искористува, решил дека 250 работници треба да ги остави на улица, без обештетување, без никакви причини за отказот…

На овие работници им недостасува половина од работниот стаж додека работеле кај овој сопственик, кој што во соработка со владини телевизии и новинари ги напаѓаше и навредуваше овие работници, се со цел да се заштити и да ја скрие целава ситуација.

Но, едно нешто заборавил – Левица гледа, Левица делува, Левица не простува!

Секогаш сме се бореле за работниците, секогаш ќе се бориме за нив! Тие се движечката сила во нашето општество, тие ќе продолжат да бидат најважната алка.

Работникот мора да биде ценет, праведно платен и заштитен!

Не би сакал да должам повеќе, единствено нешто што би го напоменал на ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ е една мисла која што група на паметни луѓе ја смислиле пред мене:

Подобро општество е неопходно. Подобро општество е можно! Ќе победиме!