Директор од Кочани со закани за бркања кон учениците кои бојкотираат настава поради загадениот воздух
Директорот кој се закануваше на учениците да не излегуваат на протест против загадениот воздух е истиот директор кој си ја вработи сопругата во истото училиште.
Гоце Савев, директорот на СОУ „Гошо Викентиев“ во Кочани неодамна си ја вработил сопругата Стојка Савева на оглас за наставник по предметот граѓанско образование во истото училиште каде што тој е директор.
Сега тој преку соопштение на огласна табла во училиштето се заканува на ученици и вработени да не излегуваат на протест против загадениот воздух бидејќи тоа право не им е дозволено.
„Најостро се забранува било каква поддршка надвор од училишните активности како за учениците така и а професорите”, стои во дел од соопштението до учениците и вработените. Во соопштението исто така се наведува да се преземат мерки против организаторите на настанот и исклучување на инволвираните ученици.